| |

МАКЕДОНСКАТА ГОЛГОТА (5)

„Магнециј го повика Георгиј до себе и го праша: Кој те побуди на таква смелост и велеречитост? Светителот одговори: Вистината.“ (Житија на светиите за месец Април, житие на св. Георгиј Победоносец)
Така и мене на смелост и велеречитост ме побудува вистината (не само Христовата, туку и историската, националната).
Пишувам за скриената вистина на еден народ, за мојот народ, таков каков што е сега, заплеткан помеѓу минатото и сегашноста и таков каков што бил некогаш, смел, а кроток, секогаш борбен со нескротлив дух и жеден за правда и слобода. Поминало време, но кај нас останале трагите од минатото да нѐ прогонуваат… Но, додека постојат луѓе жедни за вистината, ќе постои и надеж за наше враќање кон вистинскиот пат и сплотување во една кауза, напредок, раст во секое поле на денешното битисување, за нас, а највеќе за идните поколенија.
Периодот на Втората светска војна секогаш е прескокнуван, премолчуван и не доволно разработен од нашите историчари, академици. Но зошто? Да се обидеме барем малку да го расветлиме и прикажеме во вистинско светло периодот за време на Втората светска војна. Да погледнеме дали навистина Бугарите и Бугарија биле фашистички окупатори на Македонија. Да видиме дали официјалната македонска историја пишува и шири лаги или пак нашиот источен сосед измислува приказни. Овој период слушам многу за тоа како Бугарите биле фашисти и окупатори, како вршеле злосторства (и секогаш само едно се споменува: убиените во Ваташа), па згора на сѐ дури се правеше некаква турнеја низ Скопје во чест на Тито, организирана од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Гледам како Македонците (или пак србоманите и југоносталгичарите) застануваат во одбрана на диктаторот и џелатот Тито. Дали Тито е Македонец? Или можеби се бореше за слободна и независна Македонија? Зошто толку величање на ликот на Тито? Тој ли ја направи (не)зависна, слободна и обединета Македонија? Што всушност направи Тито за Македонија?
На Второто заседание на АСНОМ 28-30 декември 1944 година, покрај делегати од Македонија присуствуваат и делегати од другите републики. Меѓу нив се и џелатите на македонскиот народ Светозар Вукмановиќ – Темпо и Едвард Кардељ, кој во името на Тито ќе прочита поздравен говор со следниве зборови: „Здрава Југославија, тоа е здрава и перспективна Македонија и обратно, слободна и независна Македонија е најголемото зло на Југославија“. (Митко Георгиев, Македонска нација – злосторство и казна, Струмица 2012)
Според ова, дали Тито се борел и се залагал за слободна и независна Македонија? Не! За него таква Македонија е зло. Па, затоа и сите кои после 1944 година се бореа и залагаа за слободна и независна Македонија завршија по затвори, логори и под земја (Бог да ги прости).
Но, да се осврнеме малку на ликот на Тито, кој е тој, што е тој? Тито е роден на 25 мај 1892 година во Кумровец, Хрватска. Татко му е Хрват, а мајка му Словенка. Тој го напушта училиштето пред да заврши втор клас во 1905 година. Во 1907 година е чирак механичар. Влегува во армијата во 1912 година. Во 1915 година е ранет и заробен од Русите. После 13 месечно лечење во руска болница е испратен во рудниците на Урал, каде се истакнува како лидер на затворениците. Во 1917 година учествува во работничките демонстрации во Санкт Петербург. Се придружува кон Црвената гарда на Омск, а во 1918 година станува член на Руската Комунистичка Партија. Се враќа во Југославија и влегува во редовите на КПЈ. Работи во различни градови како пристанишен работник, кондуктер и друго. Во 30-тите години на минатиот век се утврдува како лидер на југословенските комунисти, а во 1941 година застанува на чело на партизанскиот отпор против хитлеровата окупација. Под негово раководство минуваат двете заседанија на АВНОЈ во Бихаќ во ноември 1942 година и во град Јајце во ноември 1943 година, кога се решава иднината на Југославија како Народна федеративна држава со шест републики. Тој лично раководи со операциите за ликвидирање на бугарштината во Македонија. (извадено од книгата на Темелко Нешков, Раздяла няма – Македония срещу македонизма, София 2014)
Уште, Темелко Нешков за Тито често повторувал: „Тито, преку УДБ-а сака да ја истргне душата на Македонија.“. (за Темелко Нешков ќе пишувам во следните продолженија)
Да проследиме какво решение предложува Националниот комитет на Отечествениот Фронт на Бугарија и раководството на БРП за решавање на статусот на Македонија: „Македонија е јаболко на раздорот за балканските народи… За да се избегне било каква нова историска грешка и да се даде едно сигурно спокојство на Македонија, ОФ го издига лозунгот „Македонија на Македонците!“. Со тој лозунг ќе се стави крај на соперништвото меѓу балканските држави. Никаква поделба на Македонија, ниту пак целосно приклучување кон било која балканска држава. Единствено спасително решение е целосна, слободна и независна Македонија. Само така ќе престане да биде јаболко на раздорот…“
Мора да споменам, дека прв кој дојде во Скопје во 1944 год. и се залагаше за создавање независна Македонија беше Ванчо Михајлов, но бидејќи ситуацијата не беше благопријатна, тој се врати во Рим, каде што и умре во 1990 година.
Согледувајќи ги фактите и документите, мили мои браќа Македонци, кого треба ние да славиме и величаме: Тито ли, кој се изјасни дека слободна и независна Македонија е најголемо зло (да не го споменуваме теророт којшто го вршеше над македонските патриоти); Бугарија ли, која кажува дека единствено спасително решение е целосна, слободна и независна Македонија (која пак се вклучи во војната за да ја ослободи Македонија од српскиот тежок тирански јарем) или пак последниот водач на ВМРО Ванчо Михајлов, кој во 1944 година пристигна во Скопје со идејата да создаде слободна и независна Македонија (којшто целиот свој живот го посвети на каузата за Македонија)?
За да го расветлиме малку од малку ликот и делото на легендарниот водач на ВМРО Ванчо Михајлов, тука ќе го изложам мнението на внатрешниот министер на Турција Шукри Каја, кажувајќи го следново за него: „Иван Михајлов… Тој никогаш не побарал од нас средства за живеење, а и ние никогаш не сме му предложиле ништо, затоа што сме убедени и се плашиме, дека ќе откаже каква и да е материјална помош. Тој е еден идеалист, којшто ја носи својата судбина со молчание и гордост и којшто трпи лишувања. И за што всушност тој се бори? За поголема Бугарија, нели? За една национална идеја, нели?…“.
Коминтерната во 1934 година прифаќајќи ја доктрината на Стојан Новаковиќ за македонизмот, наложува на сите комунистички партии на Балканот да работат за создавање на македонска држава, нација и јазик (секако и за македонски малцинства во Пиринскиот дел, Егејскиот дел и во македонскиот дел во Албанија). На второто заседание на АВНОЈ во Јајце во 1943 година (на кое заседание македонските комунисти не присуствуваа, бидејќи го бојкотираа) се носи одлука македонското прашање да се решава во рамките на Југославија. Методија Шаторов – Шарло, Македонската партиска организација ја припоил кон БРП (1941 год.), кое решение ќе ги вознемири КПЈ и Тито. Тито се жали на Сталин и истата година Комунистичката Интернационала и Сталин носат решение Македонската партиска организација да се врати под контрола на КПЈ. Во едно друго писмо до Сталин од 1944 година, Тито остро реагира и бара македонското прашање да биде решено во рамките на Југославија. Во писмото меѓу другото вели: „…Само со помош на Советскиот Сојуз може да дојде до обединување на Македонија и Бугарија. Југословенските народи тоа присоединување би го дочекале со незадоволство… Југославија е продолжение на советското влијание над цела Европа… доколку КПЈ го изгуби влијанието во Југославија, таа ќе потпадне под англиско влијание…“.
На обвинувањата дека Шарло го саботирал собирањето оружје и организирањето на партизанските одреди, тој одговара: „Тука не е Србија, тука народот со знамиња ги дочекуваше Бугарите затоа што тој смета дека е ослободен…“
Понатаму, во едно негово писмо до ЦК на БРП од 15.5.1941 год. за решавање на македонското прашање, тој пишува: „…Пред сѐ, дали може сега да ја истакнуваме паролата Македонија да ѝ се врати на Југославија и да ѝ се даде автономија внатре во една нова југословенска држава…? Мене ми е сосема јасно дека нема да се најде ниту еден Македонец што би се согласил со слично решение на прашањето… Второ… Македонија да се отцепи од Бугарија и да се формира како независна македонска држава? Теоретски тоа може да е мошне правилно и мошне корисно, но… исфрлањето слична акциона парола исто така би ни одзело големи делови од македонското и бугарското население, кое гледа на присоединувањето на Македонија кон Бугарија како на решение на нашите национални вековни прашања.“. (ДАРМ, Методија Шаторов – Шарло, Скопје 2012)
А, еве што пишува Светозар Вукмановиќ – Темпо на 21 Декември 1943 година за шарловите приврзаници: „Шарловото раководство… мислеше, дека македонскиот народ е бугарски и дека македонскиот народ е поробен од великосрпската хегемонија и треба да премине кон Бугарија…“.
Белградскиот весник „Политика експрес“ од 14 Март 1978 година пишува за Темпо и неговиот принос во полза на југословенската (српската) кауза: „Темпо со својата дејност допринесе за зајакнување на народноослободителната борба и за создавање на масовни партизански одреди, како и за очистување на партизанските редови од опортунистичките и пробугарските елементи…“.
За небулозата дека бугарската војска и Бугарија биле окупатори на Македонија, да го погледнеме известувањето на српскиот амбасадор во Софија В. Милановиќ до претседателот на Југословенската влада, Милан Стојадиновиќ. Тој констатира: „Сите треба да знаат дека во постоечка Македонија, бугарскиот народ не само што не е загубен, но напротив, во неа сега бугарскиот дух е многу посилен од било кога досега…“ (Државен архив СФРЈ, Београд, фонд Милан Стојадиновиќ)
Да видиме што пишува Мирче Ацев (член на ЦК на КПЈ) во писмо од 9 Август 1942 година за влегувањето на бугарските војски во Македонија: „…Македонскиот народ верува во ослободителната мисија на Бугарија… Македонскиот народ верува во Бугарската власт… Македонците не сакаат да се борат против бугарските војници…“.
За пречекот на германската и бугарската армија, Темпо во извештај од 8.8.1943 година до ЦК на КПЈ, пишува: „…Бугарските окупатори, дури и германските, народот ги пречекуваше со цвеќе…“.
Сега ќе го споменам и тој момент од 1943 година. Еве да му одговорам и на господинот Сотир Костов кој спомена ѕверски убиства на Ваташките младинци, колеж на невино население во село Јаболчиште и ѕверското убиство на Мучето во Струмица. Ќе ги споменам и другиве две (бидејќи ниеден Македонец не знае повеќе убиства од овие две-три и само тие цело време се споменуваат).
Најпрво да кажам дека не оправдувам убиство од било која причина. Не сме ние луѓето кои треба да судиме или пресудуваме на некој да живее или не, без разлика на неговите погледи на животот. Секој има право да се изрази како сака (без притоа да го навреди, повреди другиот) и да верува во што сака. Животот е во Божји раце. Но, гледаме дека и такви работи се случуваат и тоа често. Зошто е тоа така? Бидејќи луѓето се оттргнаа од Бога, а Бог е вистинската љубов и Он може и нас да ни ја даде таа љубов. Така, живеејќи надвор од заедницата со Бога, со Христа, ние не можеме да имаме љубов еден кон друг. Имаме егоистична љубов, мислиме само на себе, а уште пострашно е што мислиме како да му наштетиме на другиот, само за наша лична полза. Кога сите би го примиле Христос, кога сите би се Охристовиле, ние би делувале како Христос – би имале и би ширеле љубов, не само за нашите роднини и пријатели, туку и за нашите непријатели. Во тоа се состои философијата на љубовта Христова – да ги љубиме и нашите непријатели. Но, тоа сега е друга тема. Да се вратам на нашава.
Точно е дека се убиени 12 млади комунисти од бугарската војска која била под команда на генерал Љубен Апостолов по потекло од Крива Паланка (повторно вината не е кај бугарските војски, војската извршува наредби, туку вината паѓа на нашите Македонци, кои ги даваат наредбите). Тие не се ѕверски убиени, како што сакаат да се изразуваат нашите Македонци, туку се стрелани. Но, прашањето е зошто се стрелани тие младинци? Затоа што биле јатаци на комунистичките партизани. Зарем комунистите не убиваа јатаци на ‘фашистите’? Зарем комунистите не убиваа македонски службеници во бугарската војска и администрација? Нели, сепак и тие беа Македонци, без разлика на која страна биле? Или тие кои служеле на Бугарите се предавници и шпиони?! А овие комуњариве, кои служеа на српската и југословенска кауза се патриотите? Така пукна и првата пушка во Прилеп; Македонец уби Македонец, едниот во служба на КПЈ, другиот во служба на Бугарската администрација. Кој е патриот, а кој предавник?!
Престанете веќе! Земете читајте книги, документи, факти… Одете во Националниот институт по историја, во Државниот Архив на Македонија, на Бугарија, одете и во Турција, Франција, Британија, и погледнете ги документите и читајте каков народ сме биле. Не само да прифаќате погледи и толкувања на историјата од нашите историчари и само тоа што сакате да го прочитате и слушнете.
Но, за убиството на 12 ваташки младинци (зошто Костов не го споменува убиството на 40 ваташани, кои ги споменав во претходниот дел, убиени од српските војски?) има и една друга приказна, друг поглед. Во спомените на Темелко Нешков (исто така партизан) се споменува следново: „…Има сведоци, дека имено Темпо во 1943 година го организирал убиството на 12 ученици меѓу 15 и 18 годишна возраст од село Ваташа, Велешко. Кога вечерта Диманов, во недоумица, го прашува какви се тие злосторства во Ваташа, тој му одговара дека тоа е во нивна полза и дека со еден куршум убиваат два зајака. Истата вечер таму биле Мирче Ацев, кој е еден од верните луѓе на Темпо.“ Сега пресудете сами која е вистината и кој стои зад тоа убиство.
За масакрот во Јаболчиште, што го спомена Сотир Костов, најпрво би го запрашал господинот Сотир: „Дали толку се грижи за Албанците или пак сака само да ги напаѓа Бугарите?“, бидејќи Јаболчиште е велешко село со албанско население. Во 1907 година џелатот на Македонците, Србинот Василије Трбиќ ги придобива Албанците од тоа село да ја помагаат српската вооружена пропаганда во Македонија. Но, Сотир Костов се интересира за 1942 година. Бугарската војска (во која доброволно служеле многу Македонци) била во потрага по партизански одред, влегле во селото и го испитувале населението да им каже каде се кријат партизаните. Бидејќи селаните Албанци не откриле ништо за партизаните, бугарската војска убила 11 души од селото.
Господине Костов во војната 2001 год. бевте загрижени за Албанците или за Македонците? Јас ви предложувам, бидејќи толку сте загрижени за Албанците, да ги истражите и проучите албанските ѕверства и колежи кои се извршени врз нашето мирољубиво население (се надевам дека ќе пројавите загриженост и за нашиот род).
Исто така и Благој (Гане) Јанков – Мучето, кој во 1938 година станува член на КПЈ, е југословенски комунист и партизан. Неколку пати од српската полиција е апсен, затворан и измачуван во затвор во Белград, поради неговата дејност и учество во демонстрации. Затоа што како комунист работи против бугарската администрација во Македонија, тој е следен од полицијата. При еден грабеж, полицијата му влегува во траг и во престрелката е ранет, но успева да побегне. Во 1944 година неговото скривалиште е откриено и при престрелка по улиците на Струмица е убиен.
Господине Сотир каде тука вие гледате ѕверско убиство? Што подразбирате под ѕверско убиство? Зошто ви е чудно ако некој комунист е убиен од фашист, нацист и обратно? Што има чудно во тоа, кога некој работи против некој државен систем и идеологија, да биде затворен или убиен? Тоа време било такво, едни биле со една идеологија и гинеле за таа идеологија, други за друга. Но, факт е дека, во тоа време поголемиот дел од македонското население било со бугарско национално чувство.
И денес не се ли случува истото во многу земји, па и кај нас? Не се ли случуваше и во Југославија? Не смееше збор да изустиш против Тито, Југославија и комунизмот, а да не завршиш на Голи Оток (ако си имал среќа, инаку ќе затрупаш некоја дупка). А, пак да се сметаш за Бугарин во Југославија, тоа беше смртен грев. Да работиш за независна Македонија – те чека Идризово, Голи Оток, Добој или куршум. Што не ги споменувате тие жртви од комунизмот во Југославија? Зошто до ден денес сѐ уште само се осудува фашизмот или нацизмот, дека таа идеологија не чини и во името на таа идеологија се направени најголемите нечовечности? Ајде да го погледнеме комунизмот. Да видиме што се пишува во книгите за време на владеењето на комунистичките лидери – диктатори Сталин (СССР), Горбачов (СССР), Чаушеску (Романија), Тито (Југославија), Сухарто (Индонезија), Хајле Селасие (Етиопија) и многу други. И не само тогаш и денес имаме комунистички режими, на пример во Северна Кореја. Дали таму има демократија? Дали во тоа општество народот има некакви права, слободи? Дали таму Кореанецот смее да размислува подруго од нивниот лидер? Според мене во името на таа сатанска идеологија, која се нарекува социјализам или комунизам (како сакате), после Втората светска војна, се убиени повеќе луѓе, се извршени многу повеќе ѕверства и нечовечности, отколку што направи Хитлер со неговата идеологија.
Господине Сотир, дали од досега пишаното ви стана нешто појасно во врска со нашата македонска историја? Дали ви стана јасно дека Бугарија не ја окупираше три пати Македонија, туку се бореше за нејзино ослободување од Турци, Срби и Грци? Дали ви е јасно дека во бугарските војски за време на Балканските војни и Првата светска војна има околу 40% Македонци (можеби и повеќе), не само обични војници, туку офицери, полковници и генерали? Дали ви се разјасни дека ВМРО даваше поддршка и соработуваше со бугарската војска и Бугарија, а не со Србите и Грците, туку против нив? Борис Дрангов, Скопјанец, учесник во Илинденско-Преображенското востание во 1903 год., подполковник во бугарска армија (посмртно произведен во чин полковник), командува со V македонски полк, ранет на фронт не ги остава своите војници и умира на 24 Мај 1917 година; подполковник Александар Протогеров (подоцна генерал), Охриѓанец, член на ЦК на ВМРО, учесник во српско-бугарската војна, во Балканските војни и Првата светска војна, шеф на бугарската масонска ложа; Борис Николов Бунев, Тетоец, член на ВМРО, коњаник во коњичкиот полк на царската гарда, учесник во Прва светска војна; Борис Сарафов од село Либјахово (денес Илинден) во Неврокоп (денес Гоце Делчев) – Пирински крај, офицер во бугарска армија, претседател на ВМОК (избран со поддршка од Гоце Делчев и Ѓорче Петров) и член на ВМОРО, член во главниот востанички штаб на Илинденско-Преображенското востание во 1903 година; Петар Георгиев Дарвингов, Кукушанец, полковник во бугарската армија, член на ВМОК и организатор на четите на ВМОРО за време на востанието 1903 год., војвода на чета во Серскиот округ и учесник во Илинденско-Преображенското востание, учесник во Балканските војни и Прва светска војна, командир на 1 пешадиски македонски полк; Климент Крстев, Охриѓанец, полковник во бугарска армија, учесник во Балканските војни и Првата светска војна, соратник на Александар Протогеров; Владислав Ковачев, Штипјанец, бугарски полковник, секретар на ВМОК, раководител на Македонската федеративна организација, војвода во Малешевско и Кратовско, учесник во Илинденско-Преображенското востание, во Балканските војни и Првата светска војна; Панчо Михајлов, Штипјанец, војвода на ВМРО, офицер во бугарска армија, доброволец во Балканските војни и учесник во Првата светска војна, неговата чета води многу битки со српските окупаторски војски во Македонија во 20-те години на XX век, издава зборник „Бугарски народни песни од Македонија“; Донка Ушлинова од село Смилево, Битолско; Стефан Николов од Прилеп, Димитар Зографов од Велес, Илија Балтов од Битола и редица други Македонци кои биле дел од бугарската војска.
Се создаваат и доброволечки дружини (чети и водови): Дебарска дружина составена од дебарчани; Скопска дружина составена од доброволци од Кривопаланечко, Кратовско, Кумановско и Скопско; Солунска дружина составена од доброволци од Штипско, Серско, Драмско, Солунско и Кукушко; Битолска дружина составена од доброволци од Битолско, Прилепско и Тетовско; Охридска дружина, Кумановска дружина, Велешка дружина, Солунска дружина, Костурска дружина и т.н.
Сето горе наведеното се докази и факти кои се лесно достапни за секој што малку од малку сака да истражува и се интересира за историјата на својот народ; ништо не е сокриено, само кој сака да види и кој сака да чуе…, а ако тоа го направи, било кој еден ќе се сретне со изобилие од информации, не само од наши и бугарски бележачи на историјата, туку и од надворешни, странски.
Професорката од Оксфордскиот универзитет Елизабет Баркер, која лично ја посетила Македонија, во својата книга „Macedonia: Its place in Balkan power politics“ издадена во Лондон во 1950 година, го заклучува следново: „…Чувството да си Македонец и само Македонец се чини е прилично ново, па дури и денес нема длабоки корени…“.

Автор: Тодор Вангелов

Продолжува…

(Колумната е објавена ексклузивно на facebook страната на КЦ Иван Михайлов-Битола)

Четвртиот дел од колумната можете да го прочитате овде.



Слични Објави