Малината совршена за дијабетичарите
Вкусните црвени малини се многу популарно овошје со прекрасна арома. Тие се богати со хранливи материи како што се многу потребните антиоксиданси, минерали и витамини кои се неопходни за добро здравје на организмот во целост. Црвената малина (Rubus idaeus) е повеќегодишно растение од семеството рози (Rosaceae).
Претставува грмушка која потекнува од југоисточна Европа. Плодот на малината има црвена боја и е познат по својата единствена арома и киселкаст вкус, кои произлегуваат од ароматичните материи во неа.
Здравствени придобивки од малината
Малините се богати со антиоксиданси. 25% од антиоксидативната активност на малините припаѓа на антоцијаните. Тие ја даваат интензивната црвена боја на плодот, го штитат организмот од штетното влијание на слободните радикали, поседуваат антимикробни својства, го спречуваат растот и развојот на бактериите и габите во телото. Елагинската киселина која што се содржи во ова овошје има повеќестепено благотворно дејство. Дејствува на тој начин што прави комплекси со токсичните метали и ги исфрла од организмот, го забавува размножувањето и во одредена концентрација целосно ја стопира делбата на малигните клетки.
Малините се одличен извор на витамин Ц, кој е силен антиоксиданс. 100 гр. малини содржат 26,2 гр. витамин Ц, кој помага во борбата против инфекции, воспаленија и се бори против слободните радикали во телото.
Големата количина на растителни влакна (6,5 гр на 100 гр малини) ја прави малината совршена за подобрување на работата на цревата и спречување на развојот на рак на дебелото црево. Растителните влакна ја зголемуваат чувствителноста на инсулин и на тој начин го спречуваат развојот на дијабетес тип 2. Овие влакна ја забавуваат апсорпцијата на шеќер и холестерол во крвта, па може да се користат и како нивни регулатори. Малината се препорачува како диетална храна кај болните од шеќерна болест, исто така се користи кај лицата со бубрежни заболувања, но и кај оние кои патат од реума.
Малините се здрави за срцето и за крвните садови. Малините содржат голема количина на минерали како калиум, бакар, манган, железо и магнезиум. Калиумот е важна компонента на клетката и на телесните течности бидејќи ја контролира работата на срцето и крвниот притисок. Манганот се користи како кофактор за антиоксидантен ензим, а бакарот е потребен за создавање на црвени крвни зрнца.
Богати се со витамини од Б групата (Б6, ниацин, рибофлавин и фолна киселина) и витамин К. Овие витамини функционираат како кофактори и го помагаат метаболизмот на јаглехидратите, протеините и мастите.