Меџити: Нов артроскопски столб за Клиниката за ортопедски болести, зголемен квалитетот во изведувањето на интервенции
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити беше во работна посета на ЈЗУ Универзитетска Kлиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар кадешто оствари средба со менаџментот и вработените на установата.
Министерство за здравство за Клиниката за ортопедски болести набави нов артроскопски столб наменет за пациентите.
– Станува збор за најсовремена апаратура со која значително ќе се подобри и забрза работењето на здравствениот персонал. Чест ми е што установата вложува во зајакнување на капацитетите. Во време на ковид кризата целосно беа реновирани просториите на Клиниката за ортопедија со што се подобрија условите за работа и за престој во болница, рече министерот Меџити.
На клиниката за Ортопедски болести на годишно ниво се вршат околу 300 артроскопски интервенции на колено, околу 60 реконтрукции на лигаменти, како и артроскопски интервенции на рамо.
– Набавката на новиот артроскопски столб придонесе да се зголеми бројката на артроскопски интервенции кои се изведуваат на дневно ниво. Најголемиот дел од овие интервенции се изведуваат со локална анестезија што овозможи пациентите да не лежат во болница, туку да се лекуваат на еднодневна база, што значи прием, операција и испис на пациентот во рок од 24 часа, истакна директорот на ТОАРИЛУЦ д-р Александар Трајановски.
Набавката на ваквата пософистицирана опрема го зголеми квалитетот во изведувањето на артроскопските интервенции.