НУ Завод и Музеј – Битола ќе изврши голема реконструкција и обнова на локалитетот Хераклеја, кој годишно го посетуваат и над 30.000 посетители.
Според директорката на оваа национална установа, Мери Стојанова, со учество во проектот „Smart cool tour“, за локалитетот Хераклеја е обезбедена досега најголемата меѓународна финансиска поддршка.
– Проектот го реализираме во партнерство со Општина Битола, МКЦ-Битола, Општина Пустец и регионален Директорат за културно наследство од Корча, Албанија. Во нашиот град најголем дел од активностите се сконцентрирани во локалитетот Хераклеја каде ќе се изврши осовременување на сувенирницата, поставување систем за контрола при влез и излез на посетители, осовременување на пристапната патека од влезот во локалитетот сѐ до театарот, а тоа значи реконструкција на скалите, поставување огради и ракофати. За искачување до театарот ќе има и лифт кој ќе го користат инвалиди и лица со попреченост, но и рампа за пристапување до театарот со инвалидска количка. Во театарот ќе бидат отстранети подните плочи кои се неавтентични и ќе бидат поставени практикабли со универзална употреба, односно за различни културни настани, истакна директорката Стојанова.
Со проектот, кој ќе заврши на крајот од идната година, планирани се и други функционални зафати во античкиот локалитет Хераклеја Линкестис кои обезбедуваат креативни новини во работата на НУ Завод и Музеј – Битола.
– Во рамки на проектот ќе се реконзервира видиковецот кој ќе може да го користат и лица инвалиди и од каде непречено ќе може да се гледа цел локалитет односно панорамски поглед на Хераклеја. Ќе се редизајнира и музејот со музејската поставка во Хераклеја, со тоа што на еден кат ќе има проактивен простор со видео проектор и услови за работа во групи, предавања, презентации… исто така ќе биде изработен аудио-водич на седум странски јазици кој ќе овозможува на секој посетител од странство да биде информиран за Хераклеја Линкестис, посочи Стојанова.
Општина Битола, како водечки партнер во проектот, ќе изврши реконструкција на пристапен пат од страната на индустрискиот дел на градот до Хераклеја и тој ќе биде современ со пешачка патека, соларно осветлување, широк и безбеден за автомобили и автобуси.
Проектот е поддржан во рамки на Вториот повик од ИПА-2, програмата за прекугранична соработка 2014-2020 меѓу Северна Македонија и Албанија и вкупниот буџет на проектот изнесува 704.590 евра.
Проектните активности кои ќе се одвиваат во Албанија вклучуваат реконструкција на старото училиште во село Глобочани, во кое учел Стерјо Спасе, еден од најпознатите македонски писатели, воедно и еден од најреномираните писатели во Албанија по Втората светска војна. Нашите партнери од Албанија планираат и адаптација на нов културен и етнолошки простор во наведениот простор во Општината Пустец, посочи Стојанова.