| | |

Минатото како дозволена и недозволена историја

Пишува: Атанас Величков

Светски познатиот американски писател од авганистанско потекло Халед Хосеини вели дека минатото не може да биде погребано, бидејќи тоа секогаш го наоѓа патот за назад. Кон кое минато гледаше претседателот Пендаровски пред неколку дена, стоејки простум пред спомениците на 12-те младинци од Ваташа во месноста Моклиште, стрелани, како што пишува самиот тој, од „бугарскиот фашистички окупатор“. Најверојатно гледал кон минатото што може да му донесе втор претседателски мандат. Во РСМ не може да има подобар повод од кругла годишнина од некој крвав настан, кој може да се претстави како причина за докажување на македонштината наспроти ѕверства извршени од „бугарската гнасна рака“.

Можеме да го наречеме тоа минато, што било некогашна жестока реалност- дозволено минато. Минато што не само може, туку е задолжително да се инструментализира со една единствена цел, ставањето стигма на цел еден народ. Кога се зборува и пишува за тоа минато, ретки се перата во РСМ, кои ја имаат храброста да напишат: Да не се навраќаме во минатото, да ја градиме денешницата и иднината на нашите деца. За тоа минато може да се пишува, а учесниците во истото, го немаат оправдувањето, што се користи за бугарскиот идентитет на преродбениците и револуционерите од Македонија- „такво било времето“. Ќе се согласите дека наредбодавачот на стрелањето на младинците од Ваташа, паланчанецот Љубен Апостолов не може да биде оправдан со „наредил да се стрелаат младинците оти такво било времето“.

Во тоа дозволено минато имаме два вида на Македонци. Едните радикални Бугари во огромен процент михајловисти, а другите Бугари- протогеровисти, сталинисти, интернационалисти, кои го прифатиле македонизмот, како алатка за разграничување од официјалната власт во тоа време, која била секаква, но не била комунистичка, а уште помалку фашистичка.

Во РСМ освен дозволено, постои и недозволено минато. Минато кое според голем број македонски интелектуаци е основната причина денес Бугарија да не се помирува со реалноста. Непомирувањето со реалноста од бугарска страна се разбира е апсолутна лага, но апсолутните лаги се дозволени, кога станува збор за минатото. Без разлика дали се работи за дозволеното или пак за недозволеното.

Во тоа недозволено минато Гоце Делчев е етнички Македонец и покрај фактот што самиот тој оставил пишани извори дека е Бугарин. Овде на сцена веднаш се појавува оправдувањето дека такво било времето, а Делчев во интерес на приказната, се става на исто ниво со некој шофер на шлепер од Виница, кој се пишал Бугарин, за да може да заработи леб во некоја земја од ЕУ. Дозволено му е на возачот да излаже дека се чувствува етнички Бугарин, но не им е дозволено на историчарите да го прогласуваат Гоце Делчев за етнички Македонец.

Пендаровски мисли дека има дозвола да погледне во тоа недозволено минато, само тогаш, кога тоа е во интерес на големата игра наречена „да ги измамиме Бугарите, за тие конечно и официјално да го стават својот печат на македонизмот“. Пендаровски има должност, да се врати 30-на години порано од 1943 г. повторно таму во Тиквешијата каде било кренато Тиквешкото востание против српската власт во Вардарска Македонија. Во востанието биле убиени околу 1000 луѓе, на 500 од кои им се знаат и имињата. Зборуваме за една жестока пресметка со мирни луѓе, кои биле стрелани, колени и горени живи. Во тие темни денови за тиквешани, била мачена сурово и баба Наца Пинџурова, баба на Страшо Пинџур. Таа била мачена како Бугарка, нејзиниот син Димитар Пинџуров, таткото на народниот херој Страшо Пинџур, е војвода на ВМРО и припадник на бугарската армија, кој гине херојски во битката кај Криволак за време на Првата светска војна. Нејзиниот внук Страшо Пинџур бил погубен како Бугарин, кој ги прифатил идеите на македонизмот, за да се разликува од „бугарските фашисти“. Дозволува ли периодот меѓу недозволеното Тиквешко востание и стрелањето на младинците во Ваташа, таква интерпретација за судбината на тоа семејство. На една баба хероина, на еден татко херој загинат во борба, и на еден внук, кој бил непомал херој во очите на неговите соборци. Можеме да погледнеме и така на настаните и ликовите. Ние не се бориме за претседателски мандат. Ние немаме потреба од демонстрации како онаа на Пендаровски, останат сам со себе, со поглед кон спомениците на убиените во 1943 г. Чии жртви сме ние? На дозволената, на недозволена историја или и на двете истории?

Кога Бугарија ќе го покрене прашањето за историјата, веднаш острите пера сместени удобно во гнездата создадени од македонизмот, почнуваат да го враќаат времето на законот за македонската национална чест, а кога Пендаровски ќе се исправи пред меморијалот на убиените од селото Ваташа, тоа треба да биде продадено како виша форма на патриотизам. Па тие коски, за што друго можат да послужат освен за тоа, некој да си направи политички маркетинг преку нив и се разбира најважното, да ги принуди Бугарите буквално да клекнат пред нив и пред македонизмот.

Во овој ред на мисли, се најдоа и Бугари, кои во знак на „добра волја“, и либерална опсесија, ќе клекнат пред меморијалот во Ваташа. Дали тоа ќе го задоволи апетитот на аждерот, што денес се прашува, како стигна до таму неговиот обилен и незаслужен ручек да зависи од Бугарија, никој не знае. Ќе ги видиме реакциите, а до тогаш, ќе гледаме кон иднината, но нема да го погребуваме минатото, оти како што вели маестралниот Хосеини, тоа ќе си го најде патот за назад и од него нема бегање.



Слични Објави