МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА ИТАЛИЈА: ДОДЕКА НЕ СЕ НАЈДЕ ВАКЦИНА ЌЕ НИ ТРЕБААТ УСЛОВИ ЗА СОЖИВОТ СО ВИРУСОТ

/

Италијанската влада подготвува план од пет точки за контролирано отворање на земјата кога епидемијата на коронавирусот ќе почне да покажува знаци на забавување, изјави министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца.

Италија се соочува со најлоша епидемија од сите европски земји, но ширењето на инфекцијата забавува и веќе се појавуваат знаци на нетрпеливост и заситеност од мерките за изолација како во деловниот свет така и меѓу населението.

Во интервју за весникот „Република“, Сперанца рече дека владата ќе ги задржи мерките за социјално дисанцирање, ќе развива домашни методи на лекување за што е можно повеќе луѓе да се лекуваат надвор од болниците и ќе го зголеми тестирањето.

„Тестирањето на милиони луѓе треба да покаже колку Италијанци се заразени, дали и колку се имуни, и во кои области можат да се вратат во нормален живот“, вели министерот.

Тој, исто така, зборуваше за отворање нови болници кои ќе лекуваат само пациенти со Ковид-19 и ќе развијат апликација за следење на заразените и ќе им овозможат пристап до здравствена нега од далечина.

Сперанца повика на претпазливост, велејќи дека нема да има ден на кој ќе може да се каже „сè е готово“ и дека би било неодговорно да се вети датум на кој животот ќе се врати во нормала.

Потврдувајќи ги предупредувањата на експертите дека кризата ќе заврши само кога ќе се најде вакцината, министерот рече дека дотогаш треба да се создадат услови за соживот со вирусот.



Италија е во карантин од 10 март и мерките истекуваат на 13 април. Според извештаите на медиумите, на некои гранки во индустријата ќе им биде дозволено да продолжат со работа по тој датум.

Вчера бројот на смртни случаи од Ковид-19 беше помалку од 700, што е најнизок број на починати за 24 часа во последните девет дена.

Со 15. 362 жртви Италија е прва во светот по бројот на починати од коронавирус.

Извор: Makfax



Претходна статија

СЕДУММИНА СЕ ДВИЖЕЛЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ВО ТЕТОВСКО

Следна статија

УШТЕ ЕДЕН СЛУЧАЈ НА КОВИД-19 ВО СРПСКАТА ВЛАДА

Најново од Вести