Министерството за економија без јавна дебата го носи Законот за минерални суровини

/

Огромни штети врз природата и земјоделските посеви предизвикале концедионерите кои до пред пет месеци вадеа песок од реката Пчиња кај скопско Коњари. Жителите стравуваат по здравјето на најблиските, но ги повикуваат и властите за помош при санирање на штетите.

„Кога ќе се појават подземни води треба да се престане веднаш со ископ, да се известат надлежните органи и да се најде решение. Еве како ги оставија подземните води, ние грото од населението пиеме вода од хидрофори. Ние апелираме до државните органи, овие дупки, овие кратери да се затворат и некој да ги врати во првобитна состојба. Вака неоградени се опасност по децата. Ние тука имаме 450 деца кои одат на училиште“, рече Сенад Самиќ претседател на Месна заедница на Средно Коњари.

И по пет месеци од прекинувањето на копањето во Коњари снимките покажуваат сцени како од апокалипса.

Новиот предлог Закон за минерални суровини кој денеска со европско знаменце се најде пред пратениците, а би требало да спречи силување на природата е со серија недостатоци, обвинуваат експертите. Тие велат дека нивните забелешки не можеле да ги објават на единствениот регистер на прописи (ЕНЕР) бидејќи Предлог законот воопшто не бил ставен таму, туку дирекно испратен во Собрание.

„Постапките за издавање на концесии за експлоатација на минерални суровини не се транспарентни за локалното население, кои најмногу трпат штета од експлоатацијата на минерални суровини. Ископувањето на песок и чакал се уште се врши заради комерцијални приватни интереси, не според еколошките параметри“, рече Дејан Андонов Институт за комуникациски студии.



На јавната дебата беше посочено дека во Македонија активни се 30 концесии за ископ на песок и чакал од и до речните корита. Активистите посочуваат дека дел од нив работат спротивно на правилата. Во Коњари, на реката Пчиња, околното население се крена на протести и жителите застанаа пред багерите и останатата механизација и успеа во своите намери, колку толку да ја зачуваат осакатената животна средина.

Иле Петревски

Извор: zoom.mk

Претходна статија

МНР на Бугарија: Ние немаме никаква врска со „нонпејперот“ за решавање на спорот меѓу Софија и Скопие и не можеме да го коментираме

Следна статија

ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата, Талат Џафери одлучи да ја прекине

Најново од Вести