Мирните бугари во рамната Војводина
Пишува: Владимир Перев
Прекрасна и непрегледна е рамната Војводина. Тишина, мир и спокој. Никој никаде не брза, сите се учтиви и добро воспитани, внимателни едни кон други. Во обичниот говор, се слушаат, покрај српскиот јазик кој надвладува, сите други можни јазици одомаќени на таа територија. Се говори унгарски, словачки, русински и бугарски-павликијански, кој е варијанта на бугарскиот јазик. Бугарите во Војводина се дојдени пред повеќе од триста години, сите се католици, пишуваат со латинично писмо и говорат на својот јазик, одамна донесен од бугарските етнички пространства. Јазикот е варијанта која современите образовани бугари тешко ја разбираат, но е релативно блиска до македонските говорни дијалекти. Има и “новодојдени“ бугари од Босилеградско и Царибродско по 1945 година, но за нив во друга прилика. Тие го знаат официјалниот бугарски јазик, а исто така и српскиот во неговата книжевна варијанта.
Патувам кон селото Бело Блато во Банат. Тоа е во утринските часови, затоа што вечерта треба да сум во Нови Сад на познатата “Бугаријада“, културно просветна манифестација на бугарите од Војводина, со учество и на бугарски фолклорни и уметнички групи од земјата. Сопатник ми е една питорескна личност-Стојан Гуран од селото Иваново. Тие во Иваново се забележителни бугари-павликијанци, а Стојан доаѓа со мене во Бело Блато да ме запознае со своите пријатели. Патем, онака ненаметливо ама упорно, ми ја раскажува сопствената историја и историјата на Иваново.
Јас сум по образование техничар, вели Стојан, цел живот работам во Воената акедемија во Белград во системот за одржување на парните котли во академијата. Потекнува од стариот род Гуран, а местото Иваново е наречено по неговиот предок Иван Гуран, во моментот кога населениците добиле право од Марија Терезија на веќе формираната населба да и дадат име, во далечната 1888 година. Иваново е напредно и богато село. Порано се занимавале со производство на петлици (!) од школките кои ги ваделе од Дунав. Самото место е на шест метри под нивото на Дунав, па има и црпна станица која ја враќа водата во коритото на реката. Гурановите се најстарата фамилија таму, имаат лекари, инженери, музичари и неимари-ги има од сите професии. Неговиот предедо Тома Гуран бил заробен во Првата светска војна од руските сили, бил заедно со други петмина од Иваново како заробеник во Сибир, каде и починал од болест, додека другите се вратиле живи и многу изгладнети, вели Стојан. По мајчина линија, дедо му Петар Пенов бил солунски борец на српската армија, мобилизиран, па по таа линија веројатно и Стојан ја има својата работа во Воената академија…сепак, кога тој пристапил на работа, било некое друго време, некоја друга Југославија и Србија. Денес тоа не би било возможно.
Во Бело Блато нѐ пречекува тишина и смиреност. Нема движење на улиците, сите се појдени или по работа низ полето, или одмараат. Главната улица во селото сеуште се вика Јосип Броз Тито, а улицата на која се наоѓа училиштето го носи името на Георги Димитров.
Времето запрело во банатската рамница. Училиштето се вика Братство-Единство, а на вратата не пречекува директорката Нада Лудошки. Таа е црногорка по потекло, но мажена за вистински војводински староседелец, па од таму е и нејзиното класично војводинско презиме. Добро расположена, директорката Лудошки ни го покажува училиштето и околината. Самата зграда е добро одржувана, беспрекорно чиста и затоплена. Се греат на масло за греење, ама на есен ќе преминат на гас. Во склоп на училиштето имаат своја етно-куќа, во која се изложени предмети од селото, дадени со донации, кои го прикажуваат животот во минатото. Тоа е дел од наставата за децата, да знаат кои се, какви се и како живееле нивните предци. Во селото има две цркви, католичка и евангелска, а сега се гради и православна.
Го чекаме да дојде главниот гостин, бугарскиот амбасадор во Белград, дипломатот од кариера Петко Дојнов. Дојден е по повод мартовските чествувања, да им подели на децата во училиштето мартинки, како класичен бугарски поздрав и препознавање, за почетокот на пролета.
Треба да разговара и со првенците од селото, за да се договорат за натамошната соработка. Иначе, во селото и училиштето се спроведува проект финансиран од Бугарското министерство за образование и науки, “Нераскажаните истории на бугарите“, за жителите да се запознаат со дел од историјата на својата прататковина.
По завршувањето на официјалниот дел, амбасадорот и членови на амбасадата во Беград, заедно со првенците од Бело Блато, седнуваат на масата, богато поставена со прекрасни пецива, да разговараат за натамошна соработка.
Впечатлив лик е Мирослав Маркуш,-кметот на Бело Блато. За себе вели дека има различни семејни корени, може да буде словак, црногорец, англичанин и слично, ама тој се чувствува како бугарин-павликијан и секогаш така се претставува. Неговата мајка е бугарка а таткото словак. Имам своја фирма, вели Мирослав, за трговија и мој рибник, кој произведува шаран-крап. Оженет е, жена му е словакина и германка. Има две деца и две внучиња. Ова е првиот проект на кој работиме, вели, до сега имало само неуспешни обиди. Се надевам да не биде последен.
Во затворената Србија, која “патува“ кон Европа, секогаш, како и кај нас, тема се пасошите на Бугарија. Унгарците во Војводина имаат унгарски пасоши, тоа се оние кои ќе докажат дека се унгарци и го знаат јазикот. Истото е и со словаците. Само со бугарите имаме проблеми, вели. Тие не ни даваат пасоши, не нѐ слушаат и прават класични административни проблеми. Иначе, овде се живее пристојно, вели Маркуш, нема класично сиромаштво. Земјата е богата и треба само да се работи. Тој имал градежна фирма со 27 работници и се бавел со молерај, потоа заминал на салаш и направил рибник. Бело Блато има природна вода и тоа се одржува. Водата која е во селото е од артерски бунари и не е за пиење, ама има во селото еко-чешма каде се налева вода за пиење и готвење. Иначе, со централната власт функционираме некако…треба да се работи, а најчесто вршиме работа преку локалната самоуправа во Зрењанин, завршува Маркуш.
Виктор Нечов од Бело Блато е бугарин по предедо. Така и тој се чувствува. Во местото има околу1034 жители, од нив околу 70-тина се изјасниле како бугари. Има словаци, унгарци, срби и роми. Виктор иначе е секретар на месната заедница. Работи земјоделие.
Во селото, на еден мал плоштад има три постава од фигури-еден маж со трски, друг во рибарски чамец и жена во носија. Така се претставени основачите на селото: бугаринот Данчо, рибарот унгарец и словачката жена во носија. Да се знае, да не се заборави и да помнат новите генерации.
На излезот од селото, на салашот “Лујза“, срдечно пречекани и по пристапни цени, бевме понудени со специјалитетите на Банат, како месото од специфичната свинска раса во тој крај-мангулица. Здраво месо кое го намалува холестеролот и влијае позитивно на општата здравствена состојба.
Заминуваме за Нови Сад, градот со повеќе имиња, во зависност која нација како го нарекувала. Бугарите го викале Млада Лоза. Прекрасниот банатски ден, сончев и по малку студен, се претвора во многу студена и врнежлива новосадска вечер.
Традиционалната “Бугаријада“ се одржува во новосадското училиште “Лаза Костиќ“. Фактички, тоа се три поголеми згради каде е сместено училиштето, двете се со старински изглед, а третата е по нова, со спортска и театарска сала за приредби. Во самиот хол на зградата има огромни паноа за интерактивен начин на учење, односно паноа со прашања и одговори за поедини теми од литературата. Впечатливо беше дека на сите паноа беа претставени исклучиво руски класици на литературата, заедно и со советскиот нобеловец Пастернак и неговата книга “Доктор Живаго“.
Целата организација на “Бугаријадата“ лежи врз плеќите на Жарко Ефтимов, бугарин по потекло, дојден од Босилеград. Организирал четири фолклорно пејачки здруженија да дојдат на Бугаријадата: младинска група од село Крупник, Благоевградско, играорна група од Цариброд, хорски ансамбал од Пловдив и младинско детска група од селото Иваново.
Царибродската играорна група се претстави одлично, полетно и разиграно, а хорот од Пловдив беше на високо ниво. Детската група од Иваново, претежно деца во по мала возраст, заедно со детско младинскта група од село Крупник, ги собраа симпатиите на публиката.
Анна Крумова е кореограф на децата од Крупник, организирано преку Читалиштето “Владимир Мајаковски 1937 година“ од селото. Во рамките на тоа читалиште е и ансамбалот “Детско-младински фолклорен ансамбал – Македонче“.
Крумова се фали на пречекот, добро биле пречекани и убаво нагостени и прошетани од домаќините. Воодушевена е од храната и слатките, а таа и децата се импресионирани од архитектурата на Нови Сад-нешто ново во нивниот артистичен видокруг. Се гледа Австро-Унгарија, вели Крумова, се гледа низ сѐ, како архитектура, така храна, но и односите меѓу луѓето.
Децата од Крупник учествуваат со три танца, бугарски- шопски лазарко, варненски танц и со пирински танц ја завршуват приредбата. Иначе, Анна Крумова оди два пати неделно во Крупник, за да одржува корепетиции. Со овдешниве бугари, вели Анна, одлично се разбираме!
Приредбата заврши на вообичаениот начин, со оддавање признанија и плакети и групни фотографирања, за спомен и документација.
Дипломатот-советник во бугарската амбасада во Белград, Красен Јуруков ја прими плакетата-благодарница од бугарските здруженија за амбасадата, како признание за нивните заложби и личните напори на Красен Јуруков. Евидентно беше дека тој беше координаторот и движечката сила во организацијата на Бугаријадата, со чии лични заложби и напори се постигнуваат евидентните успеси. Децата најмногу се забавуваа и дружеа, тоа е споменот кој ќе им остане во сеќавање, како дружење со свои блиски, а оддалечени со границите и минатото.
Замислени и со добри мисли се враќаме кон Белград. Равницата е осветлена од светилките по местата низ кои минуваме. Просперитетот е евидентен. Утре не очекуваат нови задолженија и нови средби.