МВР НА СПАС(ОВСКИ)

Ова наша чудесна Македонија. Секој ден се само чуда на сите страни. Исчезнуваат луѓе, а никој ништо не знае. Најмалку нашето МВР. Тие како од Марс да се паднати. Мора другите институции да им кажат дека ни се намалува бројот на граѓани во државата.
И тоа кои граѓани… Оние што или порано биле на значајни функции или пак имаат сторено нешто што нашите закони (барем оние што ни се водат како позитивно право во моментот) го карактеризираат како криминал. Таквите ни ги снемува без трага и глас.
Единствено за нив дознаваме каде се ако самите ни се јават. Чисто да не ги мислиме. Луѓето се добро и на сигурно. Надвор од дофатот на нашиот кривичен систем и правдата. Значи безбедни се.
Така ни заминаа Богот Гру, полицајците од Петтата управа и сега специјалецот Спасов. Ако вака продолжи трендот, јадни ние, можеби ќе мораме да започнеме со увоз на криминалци од странство. Ова вака не оди на арно.

А имаме институции кои се фалат дека се е под контрола и дека безбедноста е на задоволително ниво и дека се функционира во границите на нормалата. А оно да ти била нашата државна граница како швајцарско сирење, па кој кога сака и како сака да си ја поминува. Па после зошто ЕУ не не сака во исти граници? Одговор од некого?

Нашата полиција е тука за обичниот граѓанин на кој и те како се применува репресија, за да ја држи главата наведната. Ама за крупниот криминал на функционерите и не слуша и не види и не презема ама баш ништо. Дајте ми еден пример на функционер осуден и сместен на „сигурно“ зад решетките. Да биде позитивен пример на сите како него, што се случува кога ќе посегне по народното. Не е важна висината на казната, туку е важен досегот на правдата и сигурноста дека од правдата никој не бега.

Се додека јавен интерес ни се кебапите и ситните кражби по автобуси, а милионите ни ги зема кој како сака, ништо од нашата европска иднина. Попрво ќе имаме мафија и криминал како Мексико и Бразил, отколку систем како Скандинавците.

А за затворите, не ни се ниту преполни, ниту мали. Тие ни се со висока пропустливост од внатре кон надвор и не гарантираат дека оној што е внатре таму и ќе остане. Ѕидовите треба да се внатре во нас самите и да се бариери кои ќе бидат наши лични црвени линии. Оние надворешните и онака постојат само за совладување и прекачување.
Така да имаме многу што да менуваме пред повторно да чукнеме на вратата на Европа и да прашаме дали може да бидеме дел од семејството. Кога одговорноста ќе биде и лична и колективна и кога За секое дело ќе има или награда или казна, тогаш можеме да кажеме дека сме држава што функционира. До тогаш добро ни е и вака. За подобро и не заслужуваме. Во моментот.

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово