МЗ: Детектиран Омикрон кај 33 лица, а Флурон уште кај тројца пациенти
Министерството за здравство ја информира јавноста дека во лабораторијата за вирусологија на Институтот за јавно здравје се направени анализи за детекција на сојот Омикрон на вирусот SARS CoV2. Од изработени 56 примероци позитивни на SARS CoV2, 33 се позитивни на Омикрон варијантата на вирусот, што изнесува 59% од позитивните примероци. Оваа варијанта е детектирана кај 16 пациенти од Скопје, 10 од Охрид, 4 од Тетово, 2 од Кавадарци и 1 од Кочани. Кај тројца пациенти од Скопје истовремено е детектирана комбинација од двата вируса Influenza A i SARS CoV 2.
Претпладнево МЗ соопшти дека преку ПЗУ Синлаб до Институтот за јавно здравје е доставена информација за детектиран еден случај на флурон, (комбинирана инфекција со вирусот на грип и коронавирусот) кај 26 годишен пациент од општина Зајас. Според епидемиолошката анкета, пациентот со коинфекција Ковид19/Инфлуенца А, непосредно пред 31.12.2021 година се вратил од САД и според неговите кажувања таму примил вакцина за Ковид 19, односно се ревакцинирал неколку дена пред да пристигне во РСМ. Пациентот е упатен на домашно лекување, бидејќи засега нема тешка клиничка слика.
Извор: zoom.mk