| |

На тенок мраз

Facebook статус на Никица Корубин

Уставните измени се conditio sine qua non – услов без кој не се може. Точка. И затоа никој не зборува за очигледното. Освен ДУИ, ако говориме во партиско-политичка смисла. Што не’ води кон постизборниот период после конституиран парламент, како единствен услов за завршување на овој клучен процес за иднината на државата. Или парафразирано со зборовите на ЕУ и САД, “уставните измени да се направат веднаш после конституирањето на новиот парламент”, што се разбира нема апсолутно никаква врска со формирањето на владата.

А што се случува со новиот парламент, односно со политичката сцена постизборно во однос на евроинтегративниот процес, гледаме деновиве. И тоа под “евроинтегративен процес”всушност ги подразбираме темелите на државата и клучните стратешки договори што ја дефинираат нејзината современост и суштина (Преспанскиот, Охридскиот, и Договорот со Бугарија). И судејќи според овој репер, моментално единствена политичка партија која говори и инсистира на нив е ДУИ. Што ги прави “чувари на европскиот пат” на Северна Македонија.

И покрај целата антиалбанска хистерија камуфлирана во “време е ДУИ да оди во опозиција” промовирана и етаблирана од СДСМ во 2020 година, превземана инстант од ВМРО во таа (не)скриена хармонија со немезисот СДСМ, кога албанофобијата е во прашање; за да финишира со ВЛЕН во 2024 година.

Во истиот албанофобски дух, колку апсурдно и да изгледа, но не албанофобски vis a vis ДУИ, туку vis a vis двете македонски државотворно-патриотски партии, преку легитимација на нивното антиалбанство. Влезени во “филмот” или во “играта”, сеедно, ВЛЕН експресно брзо ја прокоцкува шансата да биде “разликата”, а не “замената, и тоа со итроманското поведение за нивниот сопствен услов: уставните измени.

Постизборниот молк на СДСМ, беше напрасно прекинат со првата реакција: реагираа за прекршувањето на уставот, на Преспанскиот договор, побараа уставни измени веднаш, говореа за ЕУ интеграциите? Се разбира, ништо од тоа. Реагираа за употреба на албанскиот јазик од страна на новиот претседател на парламентот. Во фин, суптилен, јасен антиалбански наратив.

Чија иманентност ги проголта “предводниците на ЕУ патот”. Предноста на опозицијата, за која се совршено свесни, е што не морат повеќе да глумат. Само искрено и директно, како ВМРО до сега. Кому пак, доаѓа редот за глума. Власта тоа го бара, а особено управување со НАТО држава и идна членка на ЕУ.

Дали тоа значи дека ВМРО проговори нешто за уставните измени, кои сигурно се тема далеку од јавноста? Или се премногу зафатени со “измислување” на нови министерства за новите коалициони партнери, за “статистичко-математички” бројот на македонски министри да биде апсолутно мнозинство во однос на албанските министри.

Во духот на албанофобијата и во духот на рационализација на администрацијата и бројот на агенции, управи и министерства, која патем речено е во тек. За која сигурно ќе алармира СДСМ, кога ќе заврши со “пресметката” со албанскиот јазик и успешно ќе го смести на “второто” резерво место. И така веќе никој ни формално не се реферира на уставот, а не па суштински.

Што не’ води директно до ВЛЕН кои, чудно, не им пречи по ниту една основа оваа албанофобија во “педесет нијанси сиво”. Ја има насекаде, каде и да се завртиш, се’ повеќе јавно, но многу повеќе скриено, избива со секој изговорен збор, секоја порака и секоја намера. Кај власта во доаѓање, кај власта во заминување, кај непостоечката опозиција, распослана во медиумите, форсирана на социјалните мрежи, пожелна и задолжителна кај “експерстската јавност”.

А, се чини дека најмалку им пречи, што тие сега се “подобните” Албанци, за Македонците, што по автоматизам наменски го радикализира општеството, во совршена комбинација со “одбраната на идентиетот” засилен преку антибугарската хистерија и зачинета со алиби-провокациите кон Грција. Се’ само не европска Северна Македонија, зарем не? И во играта “потпишавме-не потпишавме”, прашањето кое ВЛЕН мора да го одговори е едноставно: кога уставните измени ќе бидат ставени на дневен ред во Собранието?

Но, прашањето кое мора сите да го поставиме, чекајќи ги “солидарни” со власта во најава, европските избори, американските избори, црковно-народни собори, и по можност уште некоја “непредвидена ситуација” за купување на месеци, да се избегнат уставите измени: зошто сите газат по тенок лед?

Зошто свесно, се обидуваат да ги радикализираат Македонците vis a vis Албанците, во идеална состојба на статус-кво ситуација на замрзнати ЕУ интеграции? Кој “геострашки” план го имаат на ум, со локална примена? Кој исход го замислуваат во ЕУ и САД кои се партнерите, креаторите и гарантите за сите стратешки договори на Северна Македонија?

Тенкиот мраз е непредвидлив. Може да држи извесно време, но не постојано. А, може и да пукне во секој момент, кога најмалку се очекува. А, водата под мразот е ледена и длабока. Одговорноста на секој политички чинител, пратеник, министер, премиер или претседател, партија; аналитичар или медиум е да не пропаднеме во неизвесност. Извесноста е попотребна од било кога.

А, извесноста подразбира јасен став и недвосмислена примена на сите три договори, веднаш и сега, од секој што се занимава со политика. Има партиски игри, партократски игри, ама игри со државата нема. А, државата е само една, Северна Македонија, со сите реторички финти. Итрината не е мудрост, туку снаодливост. И ако завршија “личните снаоѓања”, остана ли некој да се посвети на системот и државата?

Слични Објави