НАД 320 ИЛЈАДИ ПЕНЗИОНЕРИ ЌЕ ДОБИЈАТ ПЕНЗИЈА ЕДНА НЕДЕЛА ПОРАНО, ИСПЛАТАТА ЌЕ СЕ ВРШИ ЕТАПНО

/

Исплатата на априлските пензии почнува од утре. За да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19, пензиите ќе бидат исплатени предвреме, а подигнувањето во експозитурите на банките ќе се реализира во четири групи. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, дотолку повеќе што пензионерите како возрасна група се најранливи, информира Министерството за труд, пренесува Канал 5.

Оттаму посочуваат дека пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.

-И во услови на здравствено-економска криза од глобални размери, исплатата на априлската пензија ќе почне една недела пред први мај. Над 320 илјади пензионери ќе ги имаат пензиите на своите сметки од петок, 24 април. Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од петок, 24 април. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа, се вели во соопштението испратено од Владата.



За пензионерите кои не користат картичка, готовинската исплата на пензиите на шалтерите на банките ќе се одвива во четири групи, според висината на пензијата, и тоа за пензии до 11.000 денари, исплата во понеделник 27 април, за пензии од 11.001 до 14.000 денари, исплата во вторник 28 април, за пензии од 14.001 до 18.000 денари, исплата во среда 29 април и за пензии повисоки од 18.001 денар, исплата во четврток, 30 април.

-Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците. Оние кои ќе одлучат да подигнат средства, апелираме да се придржувате до распоредот за исплати, затоа што само така покажувате одговорност кон себе и кон вашите најблиски. Етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје, се вели во соопштението.



Претходна статија

СО НЕДЕЛИ ПЛОВЕЛЕ ПО МОРЕТО, НЕМАЛЕ ПОИМ ЗА КОРОНАВИРУСОТ

Следна статија

КУМАНОВЕЦ СО НОЖ ГО НАПАДНАЛ И УСМРТИЛ СВОЈОТ БРАТУЧЕД ВО БЛИЗИНА НА ЏАМИЈАТА ВО ЛИПКОВО

Најново од Вести