НАСТАВАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ОНЛАЈН, ИСКЛУЧОЦИ САМО ЗА ДЕЦА ОД 1-3 ОДДЕЛЕНИЕ И КАДЕ ИМА МАЛ БРОЈ ДЕЦА ПО ПАРАЛЕЛКА

Министерите за здравство и образование и наука, Венко Филипче и Арбер Адеми на заедничка прес-конференција информираа дека наставата во основните и средните училишта ќе продолжи онлајн, а исклучоци ќе има само кај децата од прво до трето одделение и училиштата со мал број деца по паралелка. Наставата може да се одложи и по 1 септември, бидејќи нема функционално Собрание.

„Образовниот процес е од неспорно значење, но не смееме да го занемариме здравствениот аспект и можноста за трансмисија на вирусот во училиштата. Неколку пати кажавме дека се’ може да се надомести, освен здравјето. Гледано од тој аспект, имајќи ги предвид и искуствата од други земји, нашата препорака од Комисијата за заразни болести е училиштата да започнат онлајн“, рече Филипче.

Околу исклучоците, за децата од прво до трето одделение, нивните родители или старатели може да избираат детето да учи онлајн, доколку сметаат дека не е безбедно да го праќаат на училиште.

„Причина за ваквиот избор е тоа што во одредени семејства има родители што се хронично болни, во категорија на висок здравствен ризик. Понатаму, децата дома се чуваат од повозрасни членови, како баби и дедовци, кои исто така може да имаат хронична болест, па семејство да е во поголем ризик“, рече Филипче.

Вториот исклучок, дополни тој, ќе дојде по барање на општините. Односно таму кадешто во школите или регионалните училишта има мал број на деца во одделенијата, или мал број класови во училишата, согласно епидемиолошката состојба, да добијат дозвола наставата да ја реализираат со физичко присуство. Тоа барање ќе оди преку МОН и Влада.

„Во однос на протоколите, целосно се усогласени и искоординирани со Министерството за образование и наука. Во училниците не треба да има повеќе од 20 деца. Тие треба да седат на 1,5 метар дистанца, да носат маски. Наставникот/наставничката да бидат цело време присутни со нив, да не излегуваат за време на одморите. Почетокот на различни одделенија да биде со разлика од 10 минути, со цел да не се сретнуваат повеќе групи на влезот или излезот, по крајот на наставата. Наставниот кадар и училиштата се целосно информирани за протоколите“, нагласи Филипче.

Ако некое дете од одделението има температура, Филипче рече дека ќе му се направи епидемиолошка анкета, па епидемиолог ќе го процени ризикот кај тоа дете. Зависно од бројот на новодијагностицирани случаи и епидемиолошка поврзаност во некоја општина, рече дека ќе се прави план за одредени рестрикции, меѓу кои и затворање на училишта.

Во однос на отворање градинки, Филипче за четврток најави дефинитивна одлука.

Според министерот Адеми, планот каде се инкорпорирани моделите и протоколите за организирање на наставата ќе бидат разгледани од Владата, а потоа доставени како финална верзија до општините.

„Профункцинира националната платформа Едуино.гов.мк, каде и овој период се снимаат видео лекции од активни наставници и таму се прикачуваат. Во периодот што следи ќе има теми и материјали во согласност со наставната програма, која треба да се обработи во првото тромесечје, или полугодие од новата учебна година“, потенцираше Адеми.

Во соработка со Министерството за администрација и информатичко општество се работи на една и единствена национална платформа, која, вели тој, ќе биде во функција на сите училишта за да ја организираат наставата.

Исто така, Адеми тврди дека во Владата „има широк консензус за да се обезбедат ИТ-уреди за секоја училница, но и децата од социјално загрозени семејства, иако преку донатори веќе се обезбедени такви уреди и во изминатата учебна година“.

Адеми потсети дека за сите одлуки сепак се неопходни законски измени кои зависат од функционалноста на собрание. Сите одлуки, додаде, ќе бидат доставени до Собранието.

„Укажуваме дека може да дојде до одлагање на потокот на новата учебна година“, рече Адеми.

Радио МОФ пишуваше анализа за ставовите и неизвесноста на учениците, родителите и наставниците за новата учебна година, но и за недостатоците и предизвиците на досегашниот образовен процес во време на корона-кризата.