НЕ „БЛЕСКАМЕ“ Г-НЕ ПРЕМИЕР, „ПРОЦВЕТАВМЕ“, А ВИЕ СТЕ НА ПАТ ДА „ОВЕНЕТЕ“…
Г-не Премиер, благодарение на Вашата заложба за „транспарентност“ јавноста дозна дека за една година Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија распишала и одобрила два тендери за цвеќиња и хортикултура во вредност од 1 милион и 453 илјади евра. Таа цена се разбира се однесува за „разубавувањето“ на повеќе државни објекти, а знаеме дека и претходната Влада не штедеше кога се работи за убавина. Колегите од „Цивил“ во материјал посветен на претходниот тендер тежок 670 илијади евра, потсетија дека додека Груевски бил на власт, само за аранжманот со цвеќиња на место, каде што во далечната 2006 г. тој требало да се појави биле потрошени над 1000 евра. Но бидејќи Вие му овозможивте на Груевски да избега и во моментот сте премиер на „државата што блеска“, Ви се обраќам Вам.
Г-не Премиер, ние не „блескаме“, ние „процветавме“!!! Знам знам, во тие милион и половина евра сигурно се пресметани и платите за градинарите што ќе ги негуваат цвеќињата и грмушките, но се си мислам дека треба да се има малку осет за трошењето на парите на граѓаните.
Груевски не чинеше заради тоа на М? Оти тоа на М вредеше повеќе од половина милион евра. Груевски дури беше осуден заради тоа што влијаел противзаконски за да се набави точно тоа луксузно возило на М. Што да очекуваме, ако ќе се појават „бомби“ на сегашната опозиција баш за тие речиси милион и половина евра за цвеќиња и хортикултура? Што ако бидете осуден за тоа? Ќе се жалите дека сте жртва на политички прогон и со документ од антидискриминаторската комисија ќе барате азил, во некоја од европските земји? Ќе го направите ли тоа г-не Премиер? Не знам колку сте свесен, ама нешто такво Ви се подготвува, ќе ве удрат по глава со вашите камења, а истите како што рече еден мудрец од „вашите бомби“, ќе дојдат од близо,
Најавувајте Вие циклуси од инвестиции „тешки 5 милијарди евра“ додека „блескаме“ и се трошат ненормални суми на пари за некаква лажна демонстрација на авторитет. Леле што се убави цвеќињата во Влада и уште 50 владини институции ширум Македонија, ќе си велат граѓаните додека поминуваат покрај нив, радосни дека сме процветале. Многу сме јаки!!!
Толку сме јаки што денеска од Противпожарната единица Скопје соопштија дека и покрај нивното барање до Дирекцијата за заштита и спасување, да им биде испратен хеликоптер за да се справат побрзо со пожарот над селото Буковиќ, добиле „корпа“. Десетмина пожарникари со четири противпожарни возила, екипа на ЈП Национални шуми и жители на селата Ласкарци и Раовиќ го изгаснале пожарот. Од Дирекцијата најверојатно не го испратиле хеликоптерот за да заштедат на гориво и за да има повеќе пари за цвеќиња и хортикултура.
Не знам дали разбравте г-не Премиер, дека општина Сарај не испратила помош иако дел од селата зафатени од пожарот се на нејзина територија? Најверојатно жителите на тие села на гласале за градоначалникот на општината Беџети, па кој ги тркала.
Знаете кој е Блерим Беџети нели? Тоа е истиот човек кој се закани дека ќе организира референдум во Сарај ако му ги одземете ингеренциите заради дивите платформи на Матка. Тоа е истиот човек, кој ве издаде дека сте барале од него да влијае врз членови од Судскиот совет.
„Процветавме“ г-не Заев, бидејќи додека ликови како Беџети се недопирливи заради мир во коалицијата, Вие побрзавте да се фатите за брусалицата и да ги исбрусите сонцињата од Кутлеш опнати на шахтите од канализацијата. Потезите на власта со која вие раководите помогнаа медиумски ѕвезди да станат ликови кои се шетаат како недоветни из грчките плажи облечени во „униформи на фалангата“ со пластични шлемови на глава. И покрај сета своја смешна наивност, човекот, што го направи тоа и што ги фарбаше со спреј шахтите во Битола , во вестите на тв Алфа, кажа голема вистина, а имено дека шахтите ни се последниот проблем.
Во тој дух, можам да Ви кажам дека истото важи и за табличките со натписот дека Аце, татко му и мајка му се дел од хеленската историја. Ги залепивте за да бидат полесни за отстранување, па да имате приказна нели? Ние лепиме „античкиве“ одлепуваат. Утре можете и тоа да го искористите како оправдување, откако нема да добиеме датум за почетокот на преговорите со ЕУ.
Од Град Скопје дури најавија засилени инспекциски контроли со цел таблите, кои укажуваат дека спомениците се дел од хеленското наследство, да не бидат објект на вандализам од страна на незадоволни граѓани.
Г-не Премиер, додека градот Скопје ги чува спомениците, децата ни се убиваат по парковите. Истегнете им ги ушите на надлежните органи, оти како што сме „процветале“, граѓаните ќе се погрижат да „овенете“. Граѓаните се тие кои ќе ве турнат од власт, а не „суетниот новинар“ Героски или пак „педерот“ Боки 13.
Автор: Атанас Величков