Немаме ниту студија за брзи возови, а доцнат и актуелните проекти

/

Актуелната железничка инфраструктура во Македонија нема капацитет да ги задоволи стандардите на земјите од регионот, а уште помалку од европските за иницијативата „Европски воз“. За овој проект потребни се брзи и нови пруги, а за нивна изградба е потребно многу време, вели професорот од Градежниот факултет Зоран Кракутовски. Добар дел од железничката инфраструктура е реновирана, но за сериозен дел од пругите и шините се доцни.

„Ние во моментов не сме ни почнале со ваков проект во државата. Уште немаме никаква студија за ваква брза железница, преку Македонија која би ги поврзувала Грција и Србија….“, рече Зоран Кракутовски, универзитетски професор на Градежниот факлултет.

За тоа, вели професорот, ќе бидат потребни најмалку пет до шест години само за проектната документација. Потоа би следувале тендери и изведба. Векот на траење на елементите кои се дел од железничката инфраструктура е околу 30 години, а тој период кај нас е веќе одамна поминат. Потребна е и итна ревизија на состојбата на сите железнички мостови. Но и покрај оваа фактичка состојба на железничката инфраструктура, од Владата тврдат дека имаат намера да инвестираат стотици милиони евра во овој сообраќај.

„Република Северна Македонија создава нова транспортна мрежа која нуди нови алтернативни правци за прва комуникација и брз транспорт кон пазарите север-југ и исток-запад. Создаваме нов железнички систем кој го усогласуваме и го интегрираме со европските транспортни мрежи“, рече Благој Бочварски министер за транспорт и врски.

Проектот „Европски воз“ властите од Европа го најавија како симболика за поефикасно поврзување на државите на целиот континент. Но, според експертите не само земјава, ваква глобална соработка ќе биде тешко изводлива без милијарди евра и многу време.



Последните посериозни инвестиции во железницата кај нас се случија пред неколку години. Тогаш државата купи нови возови и рехабилитираше дел од пругите. Но, децениското ветување за поврзување со Бугарија е далеку од реализација, каска изградбата на новата пруга од Битола кон Грција, а уште не се гради ниту ветената пруга кон Албанија.

Иле Петревски

Извор: zoom.mk

Претходна статија

Шведскиот модел успешен: Без строги мерки до нула починати

Следна статија

Маричиќ: Нормално е да има проблеми кога прв пат на ваков начин спроведуваме попис

Најново од Вести