Ние и нашите уставни перверзии
Пишува: Владимир Перев
Проблемите со внесувањето на бугарите во Уставот на РСМакедонија, колку и да изгледаат актуелно денес, тие во суштина се далечно и бледо ехо на настаните околу уставите на Југославија и последиците од тие решенија по самата држава.
Факт е дека и двете Југославии, онаа од 1918 година, како и социјалистичката од 1945 година, во суштина се мртвороденчиња на меѓународната политика и геополитичката ситуација во светот во тие моменти. И двете југославии не успеаја да го решат ниту уставниот статус на државата, ниту пак територијалните граници на членките во таа држава-прво на бановините, а во втората, на републиките. Највисокиот правен акт-Уставот, и во двете држави беше еден од генераторите на нивниот крвав распад.
Како прво, треба да биде јасно дека и во двете југославии, никој не сакаше да биде југословен, освен некаква минимална бројка луѓе изразена со учество од околу еден процент од целото население-тоа му доаѓа нешто како статистичка грешка на пописот. Нешто како проклетство на името на државата-Југославија, на која сите и припаѓавме, ама никој не сакаше да го носи нејзиното име, никој не се гордееше со него. Сите бевме македонци, срби, хрвати, албанци, унгарци, словенци и сѐ некои други, а речи си никој не беше југословен, освен декларативно. Во првите години по распадот на СФРЈ, бројот на југословени во светски рамки беше своевидна гротеска. Имено, во 2000 година југословени во Америка има 328.547, во Канада некаде околу 65.000, во Аргентина и Бразил по околу 70-80.00, а во Црна Гора (2011 г.) ги има 1.154. Во Словенија и Македонија бројките се движат околу 500 души, а во Хрватска (2011 г.) 331. Во 2011 година, вкупно сосе Северна и Јужна Америка, Европа и сите бивши југословенски републики, југословени има околу 600.000 од кои три четвртини живеат на американските континети. Речи си сите изјавиле дека јазикот на кој говорат е српскохрватски, јазик кој официјално не постои денес.
Во првите решенија на социјалистичката држава постоеја термините “нација“ и “малцинство“, но никој не сакаше да биде малцинство во државата за која мислеше дека му припаѓа. Потоа се воведе светски непознатиот термин “националност“, како замена за малцинство и пандан на нација, ама проблемот не се реши. Затоа проблемите беа разрешени со војната во деведесетите, а терминот “малцинство“ конечно се стекна со навредлива конотација, состојба која е присутна до денешен ден.
Распадот на Југославија и “тенчењето“ на некакво југословенско национално ткиво, предизвика паника во Македонија. Мала држава, со население во кое оние кои го носат името “македонци“ се во минимална бројчана предност пред другите народи кои живеат на истата територија, народи кои имаат зад себе си држави со посилна економија и побројно население, како што се албанците, турците, србите, па и бошњаците. Додавањето на бугарите во уставот, ќе го истенчи и така тенкото национално-македонско мнозинство, бидејќи некои кои сега се декларираат како македонци, а во суштина се чувствуваат бугари, или пак имаат бугарско државјанство, па макар и од меркантилни причини, ќе се определат за бугарскта страна.
Затоа, проблемот се внесувањето на бугарите во уставот изгледа нерешлив. Но, за кои бројки навистина се работи: во Македонија околу 70 илјади луѓе поседуваат бугарско државјанство, сметајќи ги во таа бројка и малолетните деца на своите родители. Следуваат нови околу 10 илјади новоодобрени државјанства, а околу 3-4 илјади се ставени на листа “на чекање“. Досега се одбиени барања за државјанство на македонци околу 10 илјади, за сите овие години. Тоа е ситуацијата, јасна и чиста. Македонската национална маса, со овие нововнесени бугари во Уставот, би се намалила за над 80 илјади души, кои потоа ќе си ги бараат правата по основа на “балансерот“ во македонските прописи. Таков е нашиот устав, такви ни се творците на уставот и такви ни се уставните судии. Последната мерка која ја изрекоа, да се брише графата за нација-етничка припадност од изводите на матичните книги на родените, говори за насилствена, но стерилна политика за бришење на етничката припадност на граѓанте на РСМ. Целта е да се спречат, преку соодветните механизми и познатиот балансер, во остварувањето на своите граѓански и етнички/национални права. Тоа говори за несигурноста на една нација за своите корени, за своето опстојување и најмногу за својата иднина.
Неспорен е фактот за постоењето на македонската нација. Таа е градена низ определени процеси низ кои поминала секоја друга нација.
Кај сите нации, во нивниот подем, има елемнти на мистификации, неодминлив градивен елемент. Но кај нас, паралелно со градењето на мистификациите за величината на македонската нација, се градеше и мистификацијата за нејзините непријатели…ништо од тоа не беше точно, ниту нашата величина, ниту бројноста на непријателите.
Точно е само тоа што и тогаш, и сега, борбата за логирање на нашиот идентитет, се протега до неразбирливи и светски неприфатливи параметри назад во минатото.
Точно е и тоа дека се променија историските околности и се пристапи кон целосна ревизија на договорите за мир од Првата и Втората светска војна. Новото време избриша некои неправедности во политиката на европскиот континент. Победените се издигнаа од пепелта, а победниците беа принудени да ја прифатат новата состојба, ако сакаат да опстојат пред новите предизвици од Азија и Америка. Југословенската идеја и титовизмот-иронично- ќе станат приказни како дел од американскиот сон на емигрантите, како и приказните кои старците ќе им ги кажуваат на своите внуци низ пустарите на Аргентина, Бразил и Чиле.
Затоа, внесувањето на бугарите во уставот е неопходност наложена од европските процеси. Потоа ќе следува и борбата за реална рамноправност на народите во Македонија. Само така, со демократија, малата и сиромашна Македонија, ќе може да опстане на европската карта. Другиот излез е распад!