| |

ОБСЕ УПАТИ ПОДДРШКА НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ И НАТО

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

Претседателот Џафери му го честита на амбасадорот Која назначувањето на функцијата и изрази надеж за понатамошна плодна соработка, имајќи го предвид неговото искуството во структурите на ОБСЕ, како и големото познавање на регионот.

Претседателот на Собранието на Република Македонија потенцираше дека, високо ја цени улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата, а особено активностите на Мисијата во Скопје со која Собранието соработува веќе 26 години. Тој оцени дека демонстрираната неутралност и придонесот што Мисијата го даде во критичните периоди, се од голема полза за Република Македонија. Истовремено, тој изрази задоволство од континуираната соработка на Собранието на Република Македонија со ОБСЕ, за што сведочи интензитетот на средбите со високи претставници на оваа Организација.

Амбасадорот Клеменс Која изрази задоволство што ја презема оваа важна позиција, нагласувајќи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да соработува со институциите во спроведувањето на реформските процеси. Тој ги поздрави заложбите на претседателот Џафери за зголемување на стандардите во работата на Собранието, како и за професионализација и независност на собраниската служба.

Соговорниците разменија мислења за можностите за идна соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, особено во насока на поддршка на Мрежата на канцеларии за комуникација на граѓаните со пратениците, за што Мисијата на ОБСЕ е подготвена да обезбеди обука на пратениците и вработените, како и опремување на канцелариите.

На средбата стана збор и за кампањата за претстојниот референдум, ставот на опозицијата и атмосферата меѓу граѓаните за истиот при што, претседателот Џафери оцени дека сè поголем број граѓани ја сфаќаат потребата и битноста на изјаснување на референдумот. Нагласувајќи ја високата поддршка на граѓаните на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО, потврдена на последните анкети за испитување на јавното мислење, тој оцени дека оваа определба ќе треба јасно да се покаже и на референдумот.

Претседателот Џафери и амбасадорот Која ја нагласија и улогата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, како мошне значаен чинител во структурата на Организацијата и витална врска меѓу владиниот дел на ОБСЕ и пратениците кои се директно избрани од граѓаните.



Слични Објави