Обвинителство: Во пожарот во Тетово настрадале 12 пациенти и 2 цивили, земени се сите снимки од безбедносни камери
Дејствијата кои ги преземаат петтемина обвинители за утврдување на причината за настанување на пожарот во Модуларната Ковид болница во Тетово во кој животот го загубија 14 лица, во континуитет продолжуваат.
Донесени беа наредби за вршење на судско-медицинска обдукција и идентификација на телата на починатите до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицински факултет во Скопје. Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани. Причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува. По налог на обвинителството извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од COVID-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот.
Обвинителството презеде мерки за обезбедување на видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
Донесени се наредби до ОКТИВ-Скопје за подигнување матријални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, како и наредби за нивно вештачење, со цел утврдување на причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Во таа насока донесена е наредба за ангажирање на вешто лице од областа на електротехниката, кој беше присутен и на самото место во опожаренито објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот.
Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во Модуларната Ковид Болница ноќта кога е избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар.
Обвинителството издаде наредба на СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата.
Основното јавно обвинителство во Тетово, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема неопходни мерки и активности за проверка на евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите заштита при работа, а меѓу другото, и на прописите од областа на противпожарната заштита.
Имајќи ја предвид итноста и карактерот на трагичниот настан, во кој животот го загубија 14 лица, а во соработка и со други надлежни институтции, односно со Дирекција за заштита и спасување, со полициски службеници од ОКТИВ при МВР-Скопје, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, ги презема сите неопходни мерки и активности, со цел да спроведе итна истрага, во насока да се утврдат причините за трагичниот настан.
Извор: zoom.mk