Очекуваме зголемување на мнозинството, а не предвремени избори, му рече Заев на австрискиот министер

/

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со Михаел Линхарт, федералниот министер за надворешни работи на Република Австрија.

Од Владата информираат дека на состанокот е нагласен и поздравен посебниот придонес на премиерот Заев во стабилноста на нашата држава и на регионот. Исто така е истакната силната поддршка од Република Австрија за продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и конкретно за почеток на преговорите на ЕУ со Република Северна Македонија, во декември годинава. Изразен е и голем интерес од австриска страна за нови инвестиции во државава.

Заев се заблагодари за големата, пријателска, принципиелна поддршка од Австрија, како еден од најголемите поддржувачи на евро-атлантските перспективи на Северна Македонија и меѓу најголемите инвеститори во државава, но и за покажаната солидарност во време на пандемијата.

„Сработивме на реформски план, покажавме лидерство во решавањето на добрососедските односи низ дијалог, пример сме во регионот за функционално мултиетничко општество едно и еднакво за сите и очекуваме од Европската Унија да го испорача ветеното и во најскоро време да ги почнеме преговорите со ЕУ. Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори – напротив до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата“, рече премиерот Заев.



Претседателот на Владата Заев во таа насока ги објасни и поволностите и поддршката што ја имаат инвеститорите од државата. Претставниците од бизнис-делегацијата изразија посебно интерес за можни инвестиции во енергетиката и посебно во делот на обновливите извори на енергија.

Извор: темите.мк

Претходна статија

Кузеска: Телохранителот на Мицкоски на подарок добил 40.000 метри квадратни земја

Следна статија

Арсовски: МВР излажа дека не се крадело струја – ЕВН вели дека нема посебни броила во ГТЦ

Најново од Вести