| |

Одбележуваме 126 г. од смртта на големиот македонски Бугарин- легендарниот војвода дедо Илјо Малешевски

На денешен ден се навршуваат 126 години од смртта на легендарниот војвода и ајдутин дедо Илјо Малешевски. Учесник во Легијата на Раковски во Белград 1861, Руско-турската војна од 1877-1878, Кресненско-разлошкото востание 1878-1879 Српско-бугарската војна 1885 г. Умира на 17 април 1898 г. во Ќустендил.

Дедо Илјо е роден на 28 мај 1805 г. во Берово. Внук е на војводата поп Георги, кој загинал во борба против османлискиот башибозук крај селото Пастух. Дедо Илјо бил пандур (вооружен чувар) на Рилскиот манастир. Таму се запознава со еден од најголемите бугарски книжевници и просветители од Македонија Неофит Рилски (Никола Поппетров Бенин). Подоцна Неофит Рилски ќе стане игумен на манастирот.

Во 1838 г. Илјо Марков се жени и се враќа во Берово. Неговиот мирен живот продолжува до 1850 г. кога го убива локалниот насилник Мехмед Бајрактар. По убиството дедо Илјо формира мала ајдучка чета, која делува во реонот на Малешевијата, Пијанец и Осогово. Во 1854 г. четата на дедо Илјо го спасува бугарскиот град Дупница од погром. По 1856 г. османлиската власт дава амнистија на дедо Илјо и неговите ајдути. Во тоа време војводата е пречекан во Ќустендил како херој.

Следува нов краток период на мирен живот прекинат од откриен заговор за убиството на војводата и неговиот најблизок пријател. Дедо Илјо повторно излегува ајдутин, а неговото семејство е преселено во Ќустендил и било пред непрекината контрола од страна на османлиските власти. Во 1859 г. куќата на војводата во Берово е разрушена, во тоа време тој барал засолниште во Солун и Света Гора. Во 1861 г. дедо Илјо Малешевски влегува во Првата бугарска легија на идеологот на бугарското револуционерно движење Георги Раковски. Бил назначен за негов помошник одговорен за воената обука. На 2 јуни 1862 г. одредот раководен од дедо Илјо го носи знамето на Легијата за време на штурмот на Кале мегдан во Белград. По растурањето на Легијата семејството на дедо Илјо повторно е подложено на прогон од страна на османлиските власти. На дедо Илјо му е доделена пензија од страна на српскиот кнез Михаил Обреновиќ во висина од 150 динари. Подоцна војводата заедно со неговите синови Никола и Иван учествува во Српско-турската војна од 1876 г како војвода на чета што броела 300 луѓе. За време на борбите при селото Делиград на 22 јули 1876 г. дедо Илјо е повреден тешко, а неговата десна рака останува неподвижна. Во своите спомени Христо Македонски, четник во четите на Хаџи Димитар и Стефан Караџа тврди дека куршумот што тешко го повредил војводата бил испукан од српски офицер. Србите повторно го наградуваат дедо Илјо, овој пат со нивниот „татковински“ орден за храброст.

Кога почнува Руско-турската војна од 1877-1878 г. дедо Илјо се наоѓа во болница, каде се лечи од добиените рани. Уште неизлечен тој заминува за Свиштов, каде руската војска му дава офицерски чин капетан и го назначува за командир на ополченски одред. Дедо Илјо учествува во војната активно, помагајќи го преминувањето на воените трупи предводени од ген. Гурко на Стара планина. Зема учество и во ослободувањето на Софија, Радомир, Дупница и Ќустендил.

По Берлинскиот договор од 1878 г. дедо Илјо и неговото семејство конечно се сели во Ќустендил. Тој зема учество во Кресненско-разлошкото востание како војвода на чета, која делува по десниот брег на р. Струма. По крајот на востанието со препорака на бугарскиот револуционер и државник Стефан Стамболов добива пензија во висина од 220 лева.

Дедо Илјо учествува и во Српско-бугарската војна од 1885 со чета, која е дел од Радомирскиот одред раководен од сограѓанинот на војводата Димитар Попгеоргиев-Беровски. Одредот води борби крај Брезник, Сливница, Врање, Краиште и с. Извор. Заради учеството во Српско-бугарската војна дедо Илјо ја губи српската пензија, која му била доделена од кнезот Милош Обреновиќ.

Постојат информации дека дедо Илјо помагал и во создавањето на четите на ВМОРО по нејзиното основање во 1893 г. Големиот македонски Бугарин и легендарен малешевски војвода дедо Илјо умира на 17 април 1898 г. во Ќустендил на 92 години.

На неговиот погреб е присутни сите граѓани на Ќустендил, а исто така и голем број негови соборци. Посмртно во 1978 г. дедо Илјо е прогласен за „почесен граѓанин на Ќустендил“. Негови споменици има во Ќустендил, Благоевград и родното Берово.



Слични Објави