Олександр Барон од Одеса: Погрешно се тврди дека Украина е туѓа земја за бесарабските Бугари
Иако по образование е наставник со профил по физика и математика, бесарабскиот Бугарин Олександр Барон не работел како учител ниту еден ден. Фотографијата станала негова професија, а и неговата ќерка имала улога во тоа, бидејќи сакала да дознае повеќе за нејзините предци и потекло.
„Таа покажа интерес за нејзините бугарски корени и јас како татко решив да ја однесам во бугарското неделно училиште (Аз буки веди“ на невладината организација „Конгрес на Бугарите во Украина“ – забелешка на авторот) во Одеса“, вели Олександр во интервју за Радио Бугарија. „Почна да оди таму секоја сабота, стана дел од играорна група и учествуваше со другите деца на училишните прослави. Играорната група „Бугарски срца“, која веќе не постои, почна да настапува и бев многу горд што моето дете носеше бугарски носии и играше бугарски ора. Почнав да ги фотографирам настапите и да ги прикачувам на Фејсбук, потоа ги видов реакциите и коментарите и тоа ме натера да споделувам се повеќе и повеќе.’
Главниот лик на неговите фотографии се луѓето кои настапуваат на разни празници и фестивали. На почетокот младите меѓу нив биле малцинство, но со текот на времето, паралелно со популарноста на неговите фотографии, растел и интересот за собирите, а се менувал и односот кон носиите. Фотографот признава дека во минатото често слушал како младите се срамат од традиционалната облека, бидејќи најчесто ја носеле нивните баби. Многу емотивни за него се моментите кога постарите го пренесуваат своето знаење за традициите на помладата генерација.
Почетокот на војната во Украина на 24 февруари 2022 година ги променил приоритетите на Олександр Барон и го принудил да ги прекине своите активности, бидејќи, според него, тој ја фотографирал прославата на животот, позитивните емоции и гордоста на луѓето со носењето на нивните традиционални носии. . „Кога почнаа да летаат авиони и да паѓаат бомби, немаше ниту фестивали, ниту празници, ниту желба и енергија за организација на такви настани“, вели бесарабскиот Бугарин.
„Ја оставив камерата неколку месеци додека на Тетијана Станева не ѝ дојде идејата да сними филм за три жени од Болград, чии мажи се на фронтот. Во процесот на снимање ги направив и првите воени фотографии. Потоа, кога многу Бугари почнаа да испраќаат помош во Украина, имав можност да отидам во Ирпин и Буча (градови во Киевската област), каде што ги фотографирав уништените прекрасни цивилни згради, куќи, станбени објекти. Чувството што го почувствував беше страшно, иако бевме таму половина година по повлекувањето на Русите од областа“, се сеќава Олександр.
Според него, руската агресија е способна да уништи се, но украинската нација ја докажала својата борбеност, истрајност и желба за живот, кои никој не може да ги скрши. Оваа пролет на покана на бугарски европратеници беа претставени дел од неговите фотографии во Европскиот парламент во Брисел. „Тогаш имав само 14 фотографии и барав начин да одам до Николаев или Херсон за да го фотографирам уништувањето, но почнаа нападите на Одеса, и фотографиите ги дополнив со моменти од таму“, објаснува фотографот.
Две години секојдневието на бесарабскиот Бугарин го поминува во обработка и преведување на вестите од фронтот, кои тој и тим Украинци кои живеат во Бугарија ги објавуваат на платформата „Бесарабски фронт“.
„Со материјалите што ги избрав, им покажуваме на луѓето во Бугарија, кои не знаат или не сакаат да не разберат, дека Украина е нашата татковина. И многу луѓе пишуваа дека ова е туѓа земја и дека бесарабските Бугари треба да се вратат во Бугарија. Секогаш им одговорам вака: „Тоа не е точно. За нас Бугарија е нашата татковина, а Украина е нашиот дом. Таму се нашите села, таму се закопани нашите предци, каде да одиме и зошто?’
Олександр Барон од Одеса е убеден дека Русија не може да го исплаши украинскиот народ:
„Не сакаме да паѓаат ракети и по селата, а веќе паѓаат затоа што некој лудак дава наредба, а друг лудак ја извршува, мислејќи дека ја лансира на воена цел. Ракетата паѓа во фарма, магацин или гаража за земјоделска механизација. Не можат да разберат дека не можат да не исплашат, само предизвикуваат омраза кон својата нација и кон се што е руско, омраза што ќе трае долги години“, убеден е украинскиот фотограф со бугарски корени.
„Се сеќавам на првите месеци по окупацијата кога луѓето сликаа цвеќиња околу дупките од куршумите во оградите. Кога ќе видите дека некој се бори за својата слобода, тоа ви дава самодоверба и сила – од реакциите на луѓето и од мојата внатрешна состојба, сфатив дека и од целосен ужас може да излезе нешто убаво“, додава Олександр Барон.