|

Општина Центар: 300.000 денари од центарските градинки и училишта за настраданите од земјотресите во Турција и Сирија

Денес се одбележува Светскиот ден на социјалната правда – 20 Февруари и по тој повод општинските училишта и градинки ќе донираат 300.000,00 денари за настраданите од земјотресите во Република Турција и Сирија, информираат од Општина Центар.

Одбележувањето на овој ден, како што додаваат од таму, се темели на основните принципи за соживот и колективен развој помеѓу народите, а фокусот е насочен кон фер и праведни резултати за секого преку социјалната заштита, правдата и социјалниот дијалог.

По тој повод, во рамките на центарските училишта и градинки се организира хуманитарен настан за собирање парични средства, кои ќе бидат донирани за помош на населението во Турција и Сирија, а покрај средствата, учениците донираа и детска облека и средства за хигиена.

„По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, со помош од швајцарската влада реализиран е проектот за изградба на ООУ ‘Јохан Хајнрих Песталоци’ и оттогаш ова училиште претставува симбол на квалитетно образование, но и симбол на солидарност помеѓу Швајцарија и Република Северна Македонија. Сакам јавно да им се заблагодарам на воспитно-образовниот кадар од сите основни училишта и градинки во општина Центар, како и на родителите и на учениците, кои несебично се вклучија во оваа хуманитарна мисија за помош на Турција и Сирија“, изјави Герасимовски.

Паричната помош во износ од 300.000,00 денари ќе биде донирана на посебна сметка на Фондот за солидарност на Црвениот крст на Република Северна Македонија и овие средства се доделуваат во знак на хуманост и солидарност за настраданите и нивните семејства во Република Турција и Сирија.



Слични Објави