|

Орбан: Брисел да ѝ надомести на Унгарија за трошоците за заштита на границата

Во писмо до претсeдателката на Европската комисија, унгарскиот премиер Виктор Орбан го повтори својот повик до Брисел да и ги надомести трошоците на неговата земја за заштита на границата на ЕУ.

Во писмото објавено на официјалната веб-страница на Владата, Орбан тврди дека досега мерките за заштита на унгарската граница станале „модел“ во цела Европа.

„Нова миграциска криза се случува на прагот на Европската унија. Како што знаете, хибридната употреба на миграцијата која потекнува од Белорусија, како и катастрофалната евакуација на безбедносните сили од Авганистан може потенцијално да доведат до уште потешка криза од онаа на која бевме сведоци во 2015 година“, напиша унгарскиот премиер.

Орбан рече дека верува оти единствената причина за сегашната кревка стабилност на ЕУ е фактот што Унгарија, заедно со другите земји-членки, успешно ги штити надворешните граници на Унијата.

„ Само Унгарија досега потроши над 1,64 милијарди од националниот буџет за заштита на границите“, напиша Орбан.

Тој истакна дека Унгарија е меѓу првите земји што изгради физичка гранична ограда, која низ годините докажа дека може да ја заштити безбедноста на граѓаните и на Унијата во целина.

Орбан, исто така, нагласи дека со текот на времето, унгарските мерки за заштита на границите станале модел и дека граничните огради сега се градат и во Грција, Шпанија, Бугарија, Словенија, Естонија, Литванија, Латвија и Полска.

Сето ова ги оправдува барањата за финансирање кои Унгарија ги споменува подолго време“, рече Орбан.

Тој напиша дека е време Комисијата да го направи она што одамна требаше да го направи – да признае дека заштитата на надворешната граница е неоспорна манифестација на европската солидарност и дека напорите на земјите-членки во тој контекст заслужуваат признание и поддршка.

Извор: temite.mk

Слични Објави