Остатоците од модуларната болница во Тетово се` уште не се остранети
Се` уште не се остранети остатоците од модуларната болница во Тетово, која лани во септември изгоре, а животот го загубија 14 лица.
Пред еден месец започна активности за демонтирање и транспортирање на изгорената модуларна болница. Од раководството на Клиничката болница Тетово, тогаш кажаа дека се очекува за неколку дена фирмата изведувач да ги транспортира остатоците од кругот на болницата. Но, дел од изгорениот материјал, се` уште стои и сведочи за трагедијата која ја потресе Македонија
Судењето за модуларната болница продолжува месецов во Основниот суд Тетово, откако во декември обвинителството на главната расправа ги читаше материјалните докази.
Поранешниот директор на Клиничката болница Тетово Флорим Бесими како и Артан Етеми кој беше раководно лице во болницата, се товарат за кривично дело, тешки дела против општата сигурност, а трето обвинетиот доктор Бобан Вучевски, за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Обвинение има и за правното лице Клиничка Болница Тетово за кривични дела, предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Инаку обвинителството во октомври минатата година го објави извештајот на ОКТИВ при МВР. Со вештачењето се утврди дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска.
Извор: Слободен печат