| |

ОТПИС НА ПОПИС

Пописот на населението претставува класична, техничка операција на пребројување на вкупното население на една држава( земја). Сепак, во етнички хетерогени општества, со изразен антагонизам помеѓу различните етнички и конфесионални групи, особено ако се наоѓаат на Балканскиот полуостров, на ориенталниот Исток, или во земјите од т.н „ трет свет“, тогаш пописот на населението е тешко сложена операција. Пишаните правила, наведуваат дека секоја држава треба на секои десет години, да спроведе попис на населението, како една „ ренген слика“ на целото општество и држава, се со цел да се направи стратешки план за идниот развој и планирање на самата држава.

Пописот е круцијален бидејќи преку него се дознава за структурата на населението: возраста, пол, работоспособно население, итн. т.е важни компонентни за планирањето, пред се на економско- развојниот правец на една државна економија, т.е подигнувањето на животниот стандарт на граѓаните.

Во Република Македонија, како кревка и млада демократија, со еден воен конфликт зад себе, како етнички хетероген композит, пописот стана баук. Кај нас, од независноста па наваму се имаат спроведено два државни пописи, тој во 1994 и во 2002 година, веднаш после воениот конфликт. Покрај официјално презентираните податоци, истите без малку од сите беа оспорувани, или во најмал случај се фрлаше доза сомнеж на веродостојноста на презентираните етнички соодносни бројки.

Македонските националисти, не ги прифаќаат пописните резултати, тврдејќи дека процентуалниот број на албанската заедница (  тие го нарекуваат со индигнација малцинство), е под 20 %, честопати сугерирајќи дека според тие бројки ќе пропадне и самиот Охридски рамковен договор, а со тоа и стекнатите права на етничката албанска заедница во  Република Македонија. Како противодговор на овие тврдења, албанските националисти  тврдат дека се над 30 % од населението во  Република Македонија, изискувајќи со тоа барања за конфедеративен статус во иднина ( кога би се „ израмниле“ по број).

Круна на овие етнопримитивистички „ надмудрувања“, беше пропаднатиот редовен попис во 2011 година, кога по неговото прекинување од страна на Државната пописна комисија, ни ден денеска нема официјален одговор зошто се случи тоа. Останаа да лебдат во јавноста шпекулациите, дека поради масовното иселување на стотици илјади граѓани од Република Македонија во западните и западноевропските земји е намерно опструиран овој попис, бидејќи ќе се покажел и официјално демографскиот погром кој и се случува на Република Македонија е прекинат овој попис, но и инсинуациите дека пописните резултати не „одговарале“ на воспоставениот соодност од пострамковна Македонија на процентуалната распределба на бројките.

Па оттука, нормален човек си го поставува прашањето: Како може скоро 20 години, во Македонија да нема спроведено кредибилен попис, во држава која се соочува со енормно и масовно иселување, постојана висока невработеност и низок животен стандарт? Босна и Херцеговина, етнички распадната држава, која преживеа крвава граѓанска војна повеќе од 36 месеци во раните 90 –ти, изнедри институционален капацитет и во 2011 година направи попис, кој беше прифатен од сите етнички заедници- безпоговорно ! Зарем Република Македонија е повеќе институционално декапацитирана држава од БиХ, и заедно со Сомалија , да бидат единствени две држави, официјално на целата светска карта, да не можат и немаат спроведено попис повеќе од десет години.

Република Македонија и нејзините граѓани, немаат ни ден повеќе за одложување и чекање , туку промптно и веднаш треба да влезе во процес на организација на спроведување на државен попис. Преку национална кампања, со подигнување на свеста кај сите граѓани, со подигнување на капацитетите кај пописничарите, и самата државна комисија , треба да се подготви населението за прифаќање на пописните резултати, без ниту грам сомнеж или оспорување. Нам пописот ни е нужно потребен за планска стратегија за идниот развој на државата од секој нејзин аспект: демографски, културолошки, инфраструктурен, социјален, економски, а не како „ покажување на мускули “ помеѓу двете доминантни етнички заедници. Барем така треба да размислуваат граѓани, кои над 70 % ( од двете заедници) се изјаснуваат дека сакаат да бидат дел од напредната и развиена Европска Унија.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки

 

Слични Објави