| |

ПЕТРОВСКА: ПОПИСОТ ЌЕ БИДЕ РЕЛЕВАНТЕН, КАКО ПРАТЕНИЦИ ЌЕ ГО НАБЉУДУВАМЕ СПРОВЕДУВАЊЕТО

Создадени се сите нормативни услови за спроведување на пописот, кој ќе биде спроведен по сите меѓународни стандарди, порача пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, откако вчера во Собранието, со помош на опозициската коалиција на Алијанса за Албанците и Алтернатива, беше изгласан Законот за попис.

Петровска вели дека пописот, кој не е спроведен 19 години, ќе даде целосно релевантни податоци врз основа на кои ќе може да се креираат издржани политики и стратегии за развојот на државата.

Пратениците, пак, ќе набљудуваат како тече неговото спроведување.

„Институциите, првенствено Државниот завод за статистика (ДЗС), сега треба да изработат методологија за спроведување на пописот, која исто така мора да ѝ биде достапна на јавноста. Со тоа граѓаните и јавноста во целина ќе бидат уверени дека процесот ќе биде статистичка, а не политичка операција, како што некој се обидува да го стори тоа. Иако обврската на пратениците заврши вчера со изгласувањето на законот, сепак, ние како пратеници, како мнозинство, остануваме посветени на спроведувањето на овој процес во целина и ќе го набљудуваме и ќе ги користиме сите механизми кои ни стојат на располагање како парламент да го спроведуваме овој попис“, изјави Петровска.

На ВМРО-ДПМНЕ, пак, ѝ порача дека повторно се поразени нејзината деструктивна политика и обидите за блокади.

По донесувањето на Законот, директорот на ДЗС, Апостол Симевски, рече дека пописот ќе биде релевантен бидејќи директните и индиректни проверки во базите на податоци ќе покажат дали некој навистина е во странство до една година или подолго.

„Тешко дека некој ќе може да даде лажен податок во однос на отсуството или присуството во земјава. Методот што го користиме, податоците што ги имаме во базите, даваат можност за многу проверки. Даваат можност на директни и индиректни проверки, со кои лесно се докажува дали некое лице е присутно или отсутно од државата. Во регистарот на МВР има податоци за околу 130 илјади лица кои го одјавиле своето живеалиште, а имаме и некои други податоци, како базата на Фондот за здравствено осигурување и други бази што ни даваат можност за проверување“, рече Симевски во гостувањето во „Вин-вин“ на ТВ Телма.

Слични Објави