ПЛАТИНИ И САРКОЗИ ВО НЕБРАНО: ФРАНЦИЈА ОТВОРИ КОРУПЦИСКА ИСТРАГА ЗА СП ВО КАТАР!

Поранешниот претседател на УЕФА и француска легенда Мишел Платини, како и бившиот претседател на Франција, Николас Саркози се наоѓаат во сериозен проблем откако Франција и официјално започна корупциска истрага околу победата за организација на Светското првенство во 2022 година на Катар, купено според многу шпекулаци со тешки милијарди од шеиците на оваа пребогата арапска земја.

Јавното обвинителство на Франција после тригодишна предистрага официјално отворила корупциска истрага во која се опфатени буквално сите – од Платини и Саркози преку Насер Ал Келаифи, ПСЖ, па се до главниот шеик на Катар, Тамим бен Хамад Ал-Тани. Јавното обвинителство отворило случај за „активно и пасивно подмитување“ како најголема криминална активност во случајот со гласањето за Катар да го добие СП 2022 на 2 декември 2010 година.

Одлуката за отворање на главна истрага доаѓа после сослушувањата што ги направил секторот за борба против корупцијата на 18 јули, кога биле приведени на информативен разговор Платини и Саркози. Покрај овие двајца, на распит биле и Клод Гуеан, поранешниот генерален секретар на Елисејската палата, како и советничката за спорт на Саркози, Софи Дион.

Според француски медиуми, сега истрагата ќе се насочи на тајниот состанок во Елисејската палата, за кој добиле сознанија во 2013 година, дека се случил на 23 ноември 2010 година, осум дена пред гласањето, на која Саркози го поканил шеикот Ал Тани, како и Платини на „работен ручек“. На ручекот биле и Гуеан, Дион, како и премиерот на Катар, шеикот Хамад бен Јасем Ал-Тани.

На тој состанок во аферата „Катаргејт“ која ја објави најугледниот магазин „Франс Фудбал“ било договорено преземањето на ПСЖ од страна на Катар, па се појавува Насер Ал Келаифи како главен човек во парискиот клуб, но истовремено има сериозни инвестивции и во телевизијата БеинСпорт. Наводно тогаш била договорена и бизнис зделка од две милијарди евра за набавка на Катар на блиндирани возила од Некстер.

Сега во истрагата јавното обвинителство ќе бара дополнителни докази за да подигне обвинение за корупција против Платини, Саркози и останатите, а новиот шок за некогаш големата фудбалска легенда е уште поголем зашто доаѓа после штотуку одлежана суспензија за забрана за секаква фудбалска актвност, откако беше казнет од етичката комисија на ФИФА за нелојална исплата од бившиот челник на ФИФА, Сеп Блатер за консултантски услуги.

Извор: Спорт1