ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА НЕОВЛАСТЕНО ПУШТАЊЕ ВО ПРОМЕТ НАРКОТИЧНИ ДРОГИ И ПСИХОТРОПНИ СУПСТАНЦИИ

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 11.03.2019 година во својот дом во Скопје неовластено заради продажба држел наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од 293,71 грама како исушени врвни делови од растението Cannabis, хашиш смола со вкупно количество од 47,5 мл со кое биле исполнети пет шприца, како и психотропни супстанции – шест таблети 3,4 метилен диоксиметамфетамин (MDMA). Дрогата и психотропните супстанции биле пронајдени при претрес во домот на обвинетиот од страна на овластени полициски службеници.

Ценејќи дека и натаму постојат законските основи заради кои на сега обвинетиот претходно му беше определена мерка куќен притвор, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за продолжување на оваа мерка.