„ПОЛИТИЧАРИ, КАКО ГИ РАСПРЕДЕЛУВАТЕ НАШИТЕ ПАРИ, СПОРЕД УСПЕСИ ИЛИ – ПАРТИСКИ ЗАСЛУГИ!“

Екипата на Гостивар неколку сезони наназад важи за светла точка во македонската кошарка, откако со напорна работа се врати на прволигашката сцена на која веднаш остави белег, кој сезонава е убедливо највпечатлив со оглед на одличните игри и фактот што е на делба на лидерската позиција на табелата со девет победи и три порази.

Но, според луѓето од клубот, добрите резултати на тимот воопшто не се ценети во нивната матична општина, каде што редовно добиваат само трошки од буџетот наменет за развој на спортот во градот. Ништо не е променето ниту во предвидувањата за 2020 година, каде што од 9,2 милиони денари нешто помалку од половина се наменети само за еден второлигаш (фудбалскиот според нашите сознанија), а останатите за сите други спортски субјекти.

Ова предизвика голем револт кај челниците на Гостивар, кој беше изразен со остро соопштение, кое ви го пренесуваме во целост.

„Кошаркарскиот клуб Гостивар, најостро реагира на односот на Општина Гостивар при предлог распределбата на општинските пари наменети за спорт. Согласно најновите објави на комисиите за 21 седница на Советот на Општина Гостивар во чиј предлог од предвидени 9,2 милиони денари, 4 милиони се предвидени за еден субјект, а остатокот за сите останати спортски субјекти во Гостивар. Со целосна почит кон сите спортски клубови од Гостивар, реакцијата не е насочена кон нив, туку кон функционерите кои имаат обврска должноста да ја спроведуваат согласно законот и актите на локалната самоуправа.

Јавно ги прашуваме сите одговорни во општината, советници, функционери, членови на комисии, градоначалник. Според кој критериум ги распределувате јавните пари на граѓаните на Гостивар? По кој критериум на второлигашки клуб му се доделуваат 4.000.000 денари од 9.200.000 денари вкупниот буџет за спорт? Колку тогаш му следува на лидерот на табелата во најелитното кошаркарско натпреварување во државата КК Гостивар, а колку ќе има за останатите? Дали ги распределивате парите според успесеите? Дали според финансиските извештаи на клубовите? Дали според партиски заслуги или можеби личен интерес? Неколку години наназад се минира, потиснува и во секој поглед настојува да се омаловажи успехот на единствениот сериозен клуб од Гостивар, во моментов првопласираната екипа на табелата во Првата кошаркарска лига и гордоста на гостиварци. Изминативе години буквално сите ве молевме да го добиеме она што впрочем е наше, нели буџетот за спорт е наменет за спорт? И тука добивме „нешто“ колку да се замачкаат очи, да не продолжуваме за непочитување на одлуките на Совет. Што уште треба да направиме клубот кој го носи името и грбот на градот да не биде градско сираче?

Никогаш не сме се мешале во работата на политичарите, иако се плаќаат со наши пари, но ваквата лакрдија, непочитување и понижување кон најоглемиот репрезезнт и спортски колектив од градот КК Гостивар нема да дозволиме. Со сите законски мерки ќе настојуваме распределбата на парите од граѓаните да оди според заслугите, успесите, критериум од кого и да многу е.

Со самата предлог одлука кристално јасно е дека на дело нити милиметар не се променети старите навики да се уништива се што е носи добро, да се злопуотребуваат функциите, да не се почитува успехот, моралот одама го нема, квалитетот не значи ништо, да не се почитува општото и јавно добро, иако сите се чукавте во гради ние сме тука за градот. Останаа на сцена лицемерието, лагата, личниот интерес, непочитување на правото и непрофесионализмот.

Јавно ги повикуваме сите советници, градоначалник, функционери кои се дел од ова, да ја преиспитаат нивната одлука и еднаш засекогаш покажат достоинство, чесност и карактер, почитуваајќи ги законите и успехот, а во случајов и волјата на граѓаните.

КК Гостивар е единствената светла точка која носи радост во Гостивар, чесните и обичните луѓе се со нас. Сите сте ги виделе преполните трибини кога игра КК Гостивар, се надеваме нема да ги присилите истите да се преселат пред „вашата“ општинска зграда. Не може со сила против магија!“, се вели во обраќањето на еден од двајцата лидери на прволигашката табела.

Гостивар минатиот викенд го направи најголемото изненадување досега сезонава, откако прв успеа да го совлада МЗТ Скопје на жешкиот терен во Аеродром со што се изедначи со шампионот по бројот победи. Овој тим утре ќе го пречека Вардар (18 часот) во обид да го задржи највисокото место на табелата.

Извор: Спорт1