Популизам – легитимирање на деструктивноста
Facebook статус на Никица Корубин
Во пресрет на предизборната кампања, која инаку е веќе во полн ек, надвор од сите предвидени норми и правила; не е тешко да се предвиди во кој правец ќе продолжи, барем кај поголемиот дел од политичките партии. Сите небулози, измислици, манипулации и пропаганда елегантно ќе бидат подведени под “популизам”.
Но, што е всушност популизмот? Во основата на популизмот е народот, што значи дека популистот е “за народот”. Тој го говори и прави она што “народот го бара”. Тој секогаш се повикува “на народот” и работи “за народот”. Можеби на прв поглед делува како додворување, но всушност се работи за класично криење. Криење позади параванот на “народот”. Или попрецизно кажано, криење на вистинските намери зад “народот”.
И тоа се доживува како стандардно, речиси класично дозволено политичко поведение, кое обично се поврзува со десницата. Иако, во наши услови таа идеолошка диференцијација, кога популизмот е во прашање, знае да лавира и од десно кон лево, преку речиси непостоечкиот етаблиран центар.
Но, дали е така? И дали тој во основа е политичко и демократско поведение, и дали би требало да биде “дозволено” на ниво на постојано легитимирање, преку неговото a priori прифаќање, како политички модел на однесување?
Односно, дали секое “политичко” поведение можеме и смееме да го подведеме под “популизам”, и покрај очигледната намера која, така удобно скриена во демократијата, во која единствено и може да егзистира како различност; всушност за крајна цел го има нејзиното суштинско дезавуирање, кое треба на долг рок да води до нејзино уништување? Глобална тема, во која совршено се вклопуваме со локални примери.
Како тоа изгледа кај нас и не мора некое сериозно и експлицитно објаснување. Последната мантра, која сите “солидарно” ја легитимираат за “бугарскиот диктат”, освен што се потпира на “идентитетот на народот”, претходно во тоталитарно-пропаганден манир индоктриниран и поддржан од сите влијателни механизми за креирање на јавното мислење; е класичен пример за привиден популизам.
Да се третира само како популистичка алатка, де факто значи легитимирано поведение во политичкиот жаргон на криење на вистинската намера. А, вистинската намера сигурно не е “репреговарање” на преговарачката рамка; заедно со проблематизирање на сите договори на кои почива државата.
А, за да се дојде до намерата треба да престане да се нарекува популизам. И да се нарече со вистинските зборови: блокирање на евроинтеграциите како демократски модел и задржување на неизвесна статус кво ситуација, како “чекална” до очекуваната авторитарност. Регионално, континентално и глобално.
Овој еден експлицитен пример не ги исклучува сите останати, присутни на нашата партиска сцена. Но, ако се прифати како нормална теза за дискусија, тој се легитимира од сите, а тоа е и крајната цел. Товарот на сите учесници во изборите нема да биде да докажат “колку се за ЕУ” или “колкави патриоти се”; туку колку се за демократското уредување на Северна Македонија. Затоа што ниту една “популистичка” мантра “ние сме за ЕУ”, не може да ги скрие авторитарните манири на поведение.
Иако, во моментов во светот има воени судири, навидум од различен карактер, таргетот е еден: демократијата, како систем на владеење на правото и функционално и слободно општество. Популизмот е само патеката, по која “демократски” чекорат, сите авторитарни струи.
Време е да ја тргнеме маската на популизмот и да видиме позади нашите локални “популисти” колку демократи ќе пронајдеме. Затоа што демократијата не’ води кон ЕУ, а посакуваната автократија најдалеку до закрилата на параванот на “Отворен Балкан”. Ако “ЕУ не им треба”, дали воопшто им треба и демократијата? Во која и единствено можат да глумат популисти.