Повисока плата за припадниците на АРМ

//

Со јануарската плата, припадниците на АРМ ќе добијат покачување од 10 проценти, најави министерката за одбрана Шекеринска, јавува државната телевизија МРТ. Во февруари ќе биде пуштен и првиот оглас за прием на нови 375 професионални војници.

„Уште еднаш можам да потврдам дека на крајот на јануари, практично почнува исплатата на 10-процентно зголемените плати на целокупниот персонал во служба на Армијата, покачување кое што долги години наназад не се случувало и кое покажува дека оваа Влада води сметка за подобрување на животниот стандард на вработените во АРМ, а со тоа ја зголемува и подобрува борбената готовност на нашата Армија“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Приемот на новите професионални војници ќе оди во три дела. Ќе се понуди шанса за воена кариера на младите. Првиот конкурс ќе се објави во февруари, вториот се планира пред почетокот на летото, а третиот кон крајот на годинава, вели министерката за одбрана.



Владата е подготвена да инвестира во подобро опремена, подготвена и подобро платена Армија, истакна Шекеринска, додавајќи дека во годинашниот план за јавни набавки има значителна сума за основна и резервна униформа за секој припадник на АРМ. Ги повика и текстилните компании да се вклучат во процесот, за да се добие поквалитетна и подобра и по можност домашно произведена униформа.

Претходна статија

Заев: Новиот клинички центар може и да се гради на веќе постојната локација

Следна статија

Латас ќе одговара за бесправна градба на викенд-куќите во Зелениково

Најново од Вести