| |

Пратеникот Китев на пролетната сесија на ПССЕ

Пролетната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа се одржува од 23 до 27 април 2018 година во Стразбур, Француската Република, на која учествува г. Бетиан Китев, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на СЕ.

Заедничката дебата ќе се осврне на прашањата на уредничкиот интегритет и статусот на новинарите во Европа, на која се очекува дискусија од пратеникот Китев. Улогата на Советот на Европа во Либија и извештајот за хуманитарните потреби на внатрешно раселените лица се исто така на дневен ред, како и извештајот за спроведувањето на Парискиот договор за климатски промени. Како ургентни дебати се: „Подемот на антисемитизмот, исламофобијата и ксенофобијата во Европа: закана за европските вредности“, „Нелегалниот избор на претседател“ на Руската Федерација на привремено окупираната територија на Автономната Република Крим: кршење на човековите права“.

На пролетната сесија на ПС на СЕ, пред парламентарците утре ќе се обрати министерот за надворешни работи на Република Македонија, г. Никола Димитров, кој ќе одговора на прашања од пратениците. Членовите на ПС на СЕ, исто така, ќе имаат можност да разменат мислења со генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торбјорн Јагланд и со претседателот на Комитетот на министри, г. Андерс Самуелсен, министер за надворешни работи на Данска.

Пратениците на ПС на СЕ ќе избираат и еден судија во Европскиот суд за човекови права од предложените кандидати од Црна Гора, а ќе ги разгледаат и следните извештаи, предлог-резолуции и предлог-препораки: за вонредната состојба и отстапувањата во однос на член 15 од Европската конвенција за човекови права, за борбата против организираниот криминал преку конфискација на нелегални средства, за активности поврзани со финансирање на терористичката група Исил/Даеш, хибридните војни и нивните предизвици во областа на правото и човековите права, климатските промени и имплементација на Парискиот договор, хуманитарните потреби и права на внатрешно раселените лица во Европа, за ситуацијата во Либија: перспективи и улогата на Советот на Европа, интеграција, како и за зајакнување и заштита на децата мигранти преку задолжително школување.



Слични Објави