| |

Премиерот Заев се сретна со канадската амбасадорка Чаба: Поддршка од Канада за интеграција на Македонија во НАТО

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Кетлин Чаба, амбасадорка на Канада за Република Македонија.

Канадската амбасадорка Чаба ги поздрави чекорите на стабилност што ги направија премиерот Заев и новата Влада по политичката криза во земјата, низ ефективниот реформски процес и добрососедските односи. Амбасадорката Чаба пренесе поддршка од Канада за интеграциите на Република Македонија во НАТО.

На средбата е заеднички изразена определба за унапредување на соработката помеѓу двете пријателски држави, посебно во делот на економијата и можностите за инвестирање.

– Правиме сè што е потребно за реализација на стратешките цели на Република Македонија, интеграциите во НАТО и ЕУ, низ реформскиот процес, развојот на поволна инвестициска клима, политиките на градење доверба во државата на политичко и меѓуетничко ниво, како и на меѓународно ниво, со соседите и со пријателите на Македонија од меѓународната заедница. Тоа ни дава за право да очекуваме, во оваа 2018 година за Република Македонија да се случат значајни поместувања во евро-атлантските интеграции, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата Заев додаде дека ваквите перспективи за Македонија, ќе значат и економска стабилност за граѓаните и државата. Канадската амбасадорка Чаба соопшти дека има заинтересирани бизнисмени од Канада за инвестирање во Македонија и договорено е, соработката, поактивно да продолжи низ дефинирање на областите од заеднички интерес.

На средбата заеднички е констатирано дека НАТО интеграциите на Република Македонија ќе бидат и значаен придонес кон стабилноста и безбедноста во државата, но и на целиот регион.

Слични Објави