Претседателот на Албанија го повика Ватикан да го признае Косово
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, имаше средба со секретарот на Светата столица за односи со држави и меѓународни организации, надбискупот Пол Ричард Галагер, кој е во официјална посета на Албанија.
Истакнувајќи ги одличните односи меѓу Албанија и Ватикан, но и духовните односи на албанската католичка заедница и Светата столица, Бегај ја поздрави посетата на Галагер на Тирана и оцени дека тоа е потврда за добрите односи.
Бегај особено се осврна на исклучителната улога и придонес што Светата столица ја имал во напорите за постигнување мир и стабилност во регионот на Западен Балкан.
Во тој контекст тој го повторил барањето за признавање на Косово од страна на државата Ватикан, признание, кое, како што наведе, ќе послужи како голема поддршка за најновата држава во Европа.
Бегај ја истакнал потребата од зголемена поддршка од сите важни актери за Косово и неговите граѓани, како и за дијалогот меѓу Косово и Србија, кој е поддржан од Европската Унија и САД.
Соговорниците се осврнале и на влијанието на руската воена агресија врз Украина на Балканот и на свеста за значењето што овој регион го има за стабилноста на европскиот континент, се наведува во соопштението.