ПРОБЛЕМОТ СО ТОЛКУВАЊЕТО НА ИСТОРИЈАТА

Многу често проблемите во разбирањето на историјата не доаѓаат од самите факти туку од нашето толкување за истите. Субјективизмот од нашето толкување доаѓа од нашите идеи, мироглед, вкусови, вредности, од тоа што сме денеска, од нашата зависност од одреден поминат пат, од нашиот индивидуален и колективен современ идентитет. Така еден и ист факт ќе биде протолкуван не само во различни нијанси туку и со тотално различни проценки.
Примерите во нашата историја се безброј. Факт барем за светската историја е дека прабугарите дошле од евроазиските степи. Факт исто така е тоа што тие зборувале јазик и имале религија кои што „светот“ ги смета за туркски а самите нив ги брои во туркската група на народи. Тоа се фактите независно дали ни се допаѓаат или не. Доминантното толкување кај нас на тие факти денеска е делумно или целосно различно. По причини, јас и на секого, малцинството ја прифаќа идејата за туркското потекло на прабугарите. Најверојатно прифаќаат некакво туркско влијание во јазикот или во структурата на општеството или религијата но во никаков случај во етничкото потекло. Ние некако како да сакаме нашето етничко потекло да биде сарматско, персиско, тракијско или било какво друго но не и туркско. Со целата нерелевантност на изворот доволно е да направите компарација што пишува за прабугарите во бугарската верзија на Википедија и што пишува за нив во англиската, француската, германската и сите останати верзии. Зошто тоа е така секој сам може да си одговори.

Друг сличен феномен е кованицата турско ропство во однос на периодот во кој бугарските земји биле дел од Османлиската империја. Овој термин од неколку години не се користи официјално во бугарските учебници но и до ден денеска продолжува да биде јаболко на раздорот во нашето општество независно од фактот што Османлиската империја немала типичен робовладетелски систем, ниту пак империјата била чисто турска. Ова толкување е создадено во периодот на национално-ослободителното движење од 19 век и го формирало и митологиризирало емотивното прифаќање на ропството и на „Турчинот“ како лош човек. Секој обид за промена и објективизирање на тој наратив се судрува со силен патриотски отпор и се стигматизира како предавнички. И покрај отпорот промената во нашите учебници стана реалност и официјално користениот термин од веќе неколку години е „Османлиско владеење“.

Слична ситуација имаме и во комунистичкиот период. Факт е дека истиот насилно е поставен во Советскиот сојуз, факт е дека комунистичкиот режим е недемократски и тоталитарен режим. Беспорни факти се илјадниците жртви, десетиците илјади прогонувани и интернирани луѓе, насилната коликтивизација на имотот на луѓето а и обидот на БКП за насилна македонизација на пиринска Македонија. И покрај сите тие факти, дел од нашето општество сѐ уште го толкува тој период како убав и сака да се врати кон него.

Сличен е „проблемот“ што денеска го имаме со Македонија. Беспорни факти се тоа што Гоце Делчев се самоопределувал како Бугарин и тоа дека се борел за слободата и автономијата на Македонија и Одринско. Факт е дека во неговите писма говорел за Македонци и македонски народ. Што имал предвид под Бугарин и Македонец е прашање на современото толкување и од двете страни. Но и двата термини се историски факти. Истото важи и за јазикот на кој што пишувале Прличев, Миладиновци, Жинзифов и други, јазик кој што самите тие го нарекувале бугарски. Јазик кој што многу личи на современиот македонски литературен јазик, кодифициран во 1945 година, а понекогаш личи повеќе на македонскиот отколку на современиот бугарски јазик, стандардизиран во втората половина на 19 век.
Сите тие разминувања произлегуваат од нашите современи толкувања на едни исти факти. А тоа е така бидејќи имаме различни гледни точки, прекршени преку различни реалности и идентитети. Како што можеби не постои современ Бугарин, на кој што нема да му стане пријатно ако му се каже дека Гоце Делчев не бил Бугарин, така нема и современ Македонец кој што ќе се согласи со тврдењето дека Гоце не бил Македонец. А вистината е дека тој бил и двете и Бугарин и Македонец. Тоа е така бидејќи во тоа време никој немал потреба да ги објаснува семантички, тие термини не биле спротивставени еден на друг и немало разминување помеѓу нив. Тоа разминување го има денеска заради современото толкување и интерпретации на тие термини кои доживеале еволуција во последните 100 години. Толкувањето и објективизирањето на историјата се тешки задачи посебно кога се товарат со силни емотивни елементи, поврзани со нашиот современ колективен идентитет. Фактите независно дали се удобни или не е добро да бидат кажувани, пишувани, читани такви какви што се- без да се обидуваме да ги толкуваме низ призмата на современието. Нивното толкување независно дали се работи за подалечна историја или за посовремен период е подобро да остане во сферата на индивидуалното право на секој од нас. Официјалните нартиви треба да бидат базирани на фактите без вишок на непријатни за другата страна толкувања и треба да го бараат заедничкото и позитивното, така историјата од проблем ќе се претвори во претпоставка за поврзување на нашата заедничка иднина.

Автор: Ради Иванов