На денешната собраниска седница Јавниот обвинител Љубомир Јовески, одговорајќи на пратеничко прашање на Павле Богоевски, рече дека истражувањето за случајот за Никола Саздовски продолжува.
Тој истакна дека во моментот не може да се каже дали истрагата ќе биде проширена.
„Ве уверувам дека за секој што ќе се утврдат криминални дејства со соодветни докази, ќе биде поднесено соодветно обвинение. И во овој момент Обвинителството постапува во овој случај, но дали истрагата ќе биде проширена во овој момент не можам да соопштам. Тоа ќе зависи од вештањата и доказите,“ потенцираше јавниот обвинител.
Никола Саздовски – Саздо, беше 20-годишно момче и член на навивачката група ,,Комити” кој беше крвничнички претепан. Полицијата настанот го квалификуваше како „насилство“. Јавноста бурно реагираше за настанот, а социјалните мрежи беа полни со револт и коментари.
Министерството за внатрешни работи информираше дека СВР Скопје поднел кривична пријава против Б.Б.(20), С.Д.(21) и Ј.Љ.(19), сите од Скопје за сторено кривично дело „насилство“. По преземени мерки, од страна на полициски службеници, прво и второпријавениот биле лишени од слобода и одредена им е мерка притвор. Поради сознанијата до кои дојде во текот на истрагата МВР потоа експресно делото го преквалификува во „убиство на свиреп напчин“.