ПРОМОЦИЈА НА„ РАЗГОВОРИ СО ОМЕР КАЛЕШИ, СКОПЈЕ – ИСТАНБУЛ – ПАРИЗ“ ОД ЛУАН СТАРОВА

Истакнато Култура

Во Македонската академија на науките и уметностите денеска (14 мај), со почеток во 12 часот ќе биде промовирано изданието „Разговори со Омер Калеши, Скопје – Истанбул – Париз“ од академик Луан Старова …

Проф-д-р Ферид Мухиќ во предговорот на книгата, која е во издание на МАНУ, посочува дека иако тематски е посветена на уметноста, конкретно на ликовната уметност, и уште попрецизно на сликарскиот опус на само еден сликар (Омер Калеши), оваа книга претставува и своевидна енциклопедија на сликарството и теорија на уметноста, филозофска хрестоматија, антрополошка и културолошка студија од највисок ранг, и повторно, повторно – химна на слободната мисла епитомизирана во уметничкото творештво на двајцата соговорници кои се разбираат и креативно се надополнуваат во обликувањето на секој бран од ова вистинско море на концепции, стојалишта, уметнички правци, хуманистички визии.

Во изданието „Разговори со Омер Ка­леши. Скопје – Истанбул – Париз“ може да се прочи­таат многу негови разговори во различни периоди, да се прочи­таат фундаменталните монографии за неговото дело напишани од врвни автори, естети, писатели, авторитети во доменот на историјата на умет­носта.

Омер Калеши е роден во кичевското село Србица во 1932 година. Матурирал во средното техничко училиште во Скопје, а во 1956 година емигрирал во Турција. Во 1965 завршил студии на Ликовната академија во Истанбул. Се преселил во Париз каде што и денес живее и работи. Имал голем број изложби во Македонија и низ светот.