Протестираат здравствените работници, бараат покачување на платите
Во тек на паузата, денеска протестираа здравствени работници пред Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Нивните барања се покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата. Протести во исто време се одржаа и во другите градови низ државата.
„Согласно со европското законодавство, овој упад со нацрт законот за плати, во колективните договори, може да значи укинување или намалување, на правата работниците пропишани на согласно овие колективни договори. За година дена од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри, се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра“ – изјави Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.
Пораки за зголемување на платите упатија и здравствените работници на протестот пред ГОБ „8 Септември”.
„Да го изразиме незадоволството поради доцнењето на платата, бидејќи доцнеше платата. Продолжуваме со притисокот, незадоволни што се уште не е потпишан анексот за покачување на платите во здравствената дејност. Тоа е основата на протестот, да го свртиме вниманието на надлежните“ рече Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Општ е впечатокот дека се незадоволни од задоцнетите плати поради неодамнешниот колапс на системот на Фондот за здравствено осигурување.
Меѓудругото, на протестот се посочи и проблемот со одлив на медицински кадар од земјава.
Во последните од три до пет години, како што велат упатените, од земјава си заминале пет до шест илјади медицински сестри, а само во последните три години државава ја напуштиле околу 2.200 лекари.