Радев и Сијарто разговараа за европските предизвици, мирот и регионалната поврзаност
Перспективите на Европа во справувањето со актуелните предизвици биле во фокусот на разговорите меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто, кој престојуваше во Софија за средба со шефот на бугарската држава, соопшти претседателскиот прессекретаријат.
Двајцата соговорници се согласиле дека обновувањето на мирот во Европа преку дипломатски средства е врвен приоритет за Европската Унија и единствен пат за долгорочно обезбедување стабилност и безбедност на континентот.
Радев и Сијарто ја истакнале и потребата од системски мерки на Унијата за зајакнување на нејзината конкурентност, како и на социјалната и економската стабилност. Во тој контекст биле разгледани заедничките иницијативи на Софија и Будимпешта за проширување на регионалната поврзаност со цел да се гарантира сигурноста на синџирите на снабдување, транзитот на енергентите и унапредувањето на економското партнерство меѓу двете држави.
На средбата биле дискутирани и резултатите од неодамнешната средба меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп, како и можностите за продлабочување на соработката меѓу Европа и САД.


