РАСПНАТИОТ ВАПЦАРОВ (2)
110 години од раѓањето на поетот-терорист…
Вапцаровите самопризнанија пред полицијата се дадени само неколку дена по неговото апсење. На цели 111 страници, со “цврст и стамен ракопис“ како што вели Марин Георгиев во својата книга, Вапцаров до детали ја прикажува својата дејност. Отворено говори како за насоките за тероризам кои ги добивал, така и за парите од СССР кои му биле доставени на располагање. Ги кажува сите врски, јавки и соработници. Општо познато е дека кон него не биле применувани мерки на насилие при сослушувањата. Прикаските на бабата Елена дека му ги видела рацете без нокти, со искинати нокти и крвави прсти се замајување на лековерните. Тоа се напорите на мајката да го спаси своето чедо од срамот на предавството, ако веќе не може да го спаси од смртта. На средбата со мајката, тој одново е распната личност; тој знае дека таа знае се. Синот на војводата паѓа во затвор, не се самоубива, не се држи херојски, ами напротив, кажува се што знае. Како ли се чувствувал на средбата со мајката, знаејќи колку силна жена била. Втората “силна“ жена во неговиот живот е сопругата Бојка. Меѓу двете жени владеела отсекогаш видлива нетрпеливост, познати провинциски односи меѓу снаа и свекрва. Нетрпеливоста не престанала, ами напротив, се зголемила по неговата смрт и победата на комунистите во Бугарија. И двете пишувале книги и статии за него од кои провејувал нивниот провинцијализам. Тој уште за време на животот бил распнат меѓу мајката и сопругата, за по неговата смрт, тие да го постават на вистинско распетие. Тоа, распетието е неговиот вистински семеен паметник.
Во 1997 година сосема случајно се запознав со Георги Тодев од Банско, за време на неговиот престој во Охрид. Нормално, разговаравме и за Вапцаров. Тодев во едно смирено излагање за поетот и опкружувањето, наполно ме порази. Вапцаров беше благородна душа, вели Георги Тодев. Трагиката на неговата несреќна судбина почнува со бракот со Бојка. Уште од почетокот на нивниот брак таа стана љубовница на Љубен Прванов Драганов, тогашен аѓутант на шефот на бугарската полиција. Кога бугарската армија влезе во Грција, Прванов стана шеф на полицијата во Ксанти. Бојка си замина со него, го напушти Вапцаров. Дојде само за судењето и по стрелањето, веднаш се врати кај него во Ксанти. По војната беше боготворена од бугарската комунистичка власт, се сплетка со еден комунистички генерал и замина со него во Полска. Тој беше таму воен аташе, а таа десет години беше кореспондент на националното радио од Варшава. Никогаш не се премажи за да не ја изгуби пензијата и никогаш не го смени презимето Вапцарова. Со тое презиме и беа отворени сите врати. Зетота за сетрата на Вапцаров Рајна, споменатиот Георги Коцаков, како михјловист беше убиен од комунистите, а Рајна се премажи за управникот на затворот во Благоевград, истиот тој кој не тормозеше нас михајловистите. Вапцаров беше распнат човек меѓу две вери, православната и протестантската, а во животот и два пати си ја смени нацијата, бугарин и македонец, за конечно, пред смртта, на судот, да каже дека е православен и бугарин. Беше длабоко поделен и несреќен човек, заврши Георги Тодев.
Љубовта на Вапцаров кон Бојка е последниот бастион на неговата душевна осаменост. Тој знае се, чувствува се. Во “Проштално“, посветено на неа, нема дива, нескротлива, револуционерна љубов. Тој е само нем набљудувач на разделбата и затоа само “Понякога ще идвам във съня ти/като нечакан и неискан гостенин“, а неговата последна молба до Бојка е “вратите не залоствай“! Вратите веќе одамна биле залостени…
Во последните години се изнапишаа многу недугавости, како за “величието“ на неговата поезија, уште повеќе за неговата револуционерност, а најмногу за неговата македонска националност. Малку нешто од тоа ќе остане во иднината. Во една прилика македонскиот бард на литературата и литературната критика Гане Тодоровски веројатно ќе ја опише неговата дејнст на најсоодветен начин: “Според јазичните, идејно-стилските и содржинско-тематските ознаки, поетскиот опус на Вапцаров ѝ припаѓа на бугарската поезија меѓу двете светски војни. Сепак, според потеклото, чувството, акцијата и содржинската означеност на неговата поезија, тој бил македонец, а македонството претставува содржинска компонента на голем дел од неговата поезија.“ Ах, македонството, итроманот Гане ја одбегнува одредницата “македонецот“…
“Минноподривната дејност“ на Вапцаров, овенчана со победата на комунизмот на Балканите донесе невидени трагедии на бугарскиот народ и на македонците како негов неразделен дел. Неговата романтичарска занесеност со тероризмот, доведе до затвори, лагери и конструирани судски процеси во кои животите ги изгубија личности кои беа цветот на македонската/бугарската интелигенција. Од таа прокоба до денешен ден не можат да се оправат и двете држави.
Животот знае да се одмазди. Трагедијата на поетот/терорист трае до деншни дни. Срамни се гласовите за неговиот уништен гроб, за избришаното име од гробниот паметник. Распнат меѓу две држави и две нации, тој и по смртта не може да го најде својот мир…тоа е веројатно омаздата на бесконечоста на животот кон оние кои посегнале по животите на другите.
Некаде кон крајот на 1991 година во хотел “Шератон“ во Софија се сретнаа, Маја Вапцарова и братот на Ванчо Михаилов, Тасе Михаилов. Се водеше пријатен и пријателски разговор и можеше да се види како времето, барем делимично ги залечува раните. Тогаш не разбрав, но денеска ми се чини како тие двајца, внуката на поетот-терорист и братот на конспираторот “фашист“, да се првите подписници на Договорот за добрососедство.
Речи си сите подлеци од МЛК во Софија се извлекоа од “фашистичката власт“ без никакви проблеми. Паднаа само двајцата терористи-аматери, Вапцаров и Попов, а со нив и тројцата професионални разузнавачи. Легендата вели дека херојски ја пречекале смртта и јас сакам да верувам во тоа. Дали на смртниот час пееле за Сталин, или строфи од Ботев останува неважно. Конечно, сите ние имаме право поетите, понекогаш да ги прифаќаме сериозно, сите имаме право барем еднаш во животот да бидеме “сталинисти“, па затоа…
Но в бурята ще бъдем пак със тебе,
народе мой, защото те обичахме!
Да, треба да се сакаме како народ/и, па макар кој и што да подразбира под тоа име!
Првиот дел од колумната можете да го прочитате овде.
Автор: Владимир Перев/ FAKTOR.BG