Русија сакала да го спречи и задуши Илинденското востание по секоја цена

/

Пишува: Жарко Трајаноски

По штурата честитка на руската амбасада за Илинден, во која не се ни спомна Илинденското востание, се наметнува прашањето: Што направи Русија ЗА Илинденското востание и за македонската борба за ослободување и за државност?

Нема многу да згрешиме ако кажеме – речиси ништо ЗА, а многу ПРОТИВ! Ако се оствареа плановите на Царска Русија, ќе беше спречена и краткотрајната Крушевска Република, како и Илинденското востание. И денешна Македонија одамна ќе беше дел или од Голема Грција, или од Голема Бугарија, или од Голема Србија.

Но, иако Русија нема пролеано ниту „капка крв“ за ослободувањето и за државноста на Македонија, руската пропаганда денес бесрамно манипулира дека илјадници Руси храбро загинале токму за ослободување на македонската земја.

Руската пропаганда за руското ослободување на „македонската земја“  Ден пред Илинден, на 1 август, рускиот амбасадор Баздникин во Прилеп  го повтори ланското тврдење дека 5 илјади руски војници и офицери „ја ослободија македонската земја“ и „храбро загинаа“: „Од 1916 до 1918 година на Солунскиот фронт 5 илјади руски војници и офицери кои ја ослободија македонската земја во составот на 2. и 4. Специјална бригада на Армијата на Источната Антанта, храбро загинаа“. Истиот ден на 1 август Руската амбасада објави дека не загинале 5 илјади руски војници, туку „четири илјади загинаа во битките на македонската земја.“ Баздникин, пред две години, пак, изјави дека „Повеќе од 4.200 војници и офицери на 2.а и 4. специјална бригада на руската империјална армија, исполнувајќи го својот сојузнички долг во состав на Источната армија на Антанта, ги положиле своите животи на македонско тло“.

Но, рускиот пропаганден сајт „Russia Beoynd“ во 2014 оперираше со многу поскромни бројки: „…на Солунскиот фронт во годините на Првата светска војна војувале најмалку неколку илјади руски војници и офицери… се знае дека на македонската земја се упокоени стотици руски војници“.

Зошто последниве години Русија ги злоупотребува руските војници од Првата светска војна кои биле ангажирани во состав на француската војска на „Македонскиот фронт“, и тоа за ослободување на Србија, а не на Македонија? Потоа, од кого Русите ја „ослободија македонската земја“ во Првата светска војна, ако се знае дека најголем дел од Илинденците и Македонците биле на нишан на нивното оружје? И, како тоа, откако Русите „ја ослободија македонската земја“, престанало да се зборува за денешнава Македонија („Јужна Србија“, па „Вардарска бановина“), а и за Македонците во неа?

Дали со ваквите историски провокации Русија се обидува да води „класична антибугарска пропаганда“, или пак во пресрет на Илинден се обидуваше да наметне друга историски контроверзна тема – за да не се поставуваат прашања за улогата на Русија за време на Илинденското востание и за време на Балканските војни?

Русија сакала да спречи востание од „бандите“ по секоја цена  Во Македонија одамна не е никаква тајна дека руската империја не ја поддржувала македонската револуционерна организација и македонската борба за ослободување. Многу македонски историчари имаат објаснувано зошто Русија воопшто не поддржувала револуција во Македонија, туку реформи. Иако руската пропаганда јавно се залагала за „интересите на многустрадалното македонско население“, услов за тоа било „прекинување на злосторничката дејност на бандите“. И рускиот конзул во Македонија Ростковски (пред трагично да загине по востанието) ги советувал селаните да не пристапуваат кон „бандите“ бидејќи „востанието нема да успее…“. Ростковски правел сѐ што е во негова моќ да го одврати востанието за да не ја вовлече Русија во „политичка авантура“.



И на руските историчари им е сосема јасна позицијата на Русија кон македонските револуционери. На пример, во една руска докторска дисертација детално се опишува специјалната турнеја на Балканот од име на императорот Николај II, на министерот за надворешни работи Владимир Ламздорф, кој имал задача да ја претстави руската позиција за македонското прашање во Србија и Бугарија во декември 1902. Кога Ламздорф бил примен од кралот на Србија бил прашан дали Русија има намера да ѝ даде автономија на Македонија, на што рускиот министер одговорил дека за македонска автономија е рано да се зборува, дека Русија сака да го зачува „статус-квото“ во Македонија, со подобрувања согласно најавениот план за реформи.

На средбата со Фердинанд, на Ламздорф му станало јасно дека Кнежеството Бугарија сака да ја искористи македонската криза за да се здобие со полна независност, а барањето за автономија на Македонија било сметано како прв чекор на патот кон инкорпорирање на Македонија во состав на Бугарија. Ламздорф јасно му кажал на Фердинанд дека нема да дозволи македонските револуционери да ја вовлечат Русија во вооружен конфликт на Балканот. Русија ги сметала за неприфатливи методите на борба „со помош на незаконските комитети и револуционерна агитација“ и укажала дека нема намера да жртвува свои поданици за заштита на македонски револуционери.

Ламздорф и пред Фердинанд бил експлицитен дека Русија нема намера да продолжи да лее крв за слободата на балканските народи. Ламздорф го предупредил дека поддршката на револуционерната агитација може да има тешки консеквенци, а потоа и ги поддржал одлучните мерки на Бугарија против револуционерните комитети. Во февруари 1903 Ламздорф дури и објавил текст во службениот весник, во кој пишувало дека им укажал на владејачките кругови во Србија и Бугарија, и усно и писмено, дека Русија нема да жртвува ниту една капка крв на своите синови – ниту најмал дел од имотот на рускиот народ – ако словенските држави решат со револуционерни и насилни средства да го променат постоечкиот систем на Балканскиот Полуостров, спротивно на разумниот совет што им бил даден однапред.

За востанието нема да бидат жртвувани ниту еден руски војник, ниту една руска рубља  Кога добиле информации за стремежите на македонските комитети да ја вовлечат Русија во нова војна на Балканот, Ламздорф и Николај II им испратиле јасни пораки на Белград и Софија дека во никој случај Русија нема да дозволи да биде вовлечена во воена интервенција како во Руско-турската војна од 1877-1878.

Токму затоа, Русија постојано инсистирала на реформи и давала до знаење дека нема воено да интервенира во случај на востание во Македонија. Ламздорф во декември 1902 во Бугарија се сретнал и со претставниците на разни македонски комитети предупредувајќи ги да престанат со натамошни агитации. И на средбата со претставниците на ТМОРО (на која Татарчев и Матов изнеле дел од македонските барања), Ламздорф укажал дека Русија нема да поддржи ниту една акција на внатрешната организација. Од спомените на Ѓорче Петров ни е јасно дека македонските револуционери знаеле дека Ламздорф доаѓа да го спречи востанието, а дека бугарската влада и бугарскиот кнез му служеле на Ламздорф.

По инструкции на рускиот император и неговиот министер Ламздорф, бугарската влада во почетокот на 1903 ги растура врховните комитети во Бугарија и заедно со врховистите го интернира и Ѓорче Петров.

По добиените информации дека се возобновува дејноста на македонските револуционерни комитети, Ламздорф на бугарскиот дипломат во Петроград му повторил дека 1877 и 1878 година нема да се повторат и дека „ниту еден руски војник, ниту една руска рубља не ќе бидат жртвувани“. Дури и во случај на кревање на востание, наредбата на Русија била да се преземат дејства за прекин на револуцијата, а Бугарија била предупредена за тешки последици и при најмал обид за помош на востаниците. Руската порака до бугарската влада била да продолжи да се спротивставува на револуционерните елементи, а за возврат рускиот цар немало да дозволи ниту еден турски војник да ја мине бугарската граница.

(Целиот напис на Жарко Трајаноски прочитајте го во Независен)

Претходна статија

Чекајќи го Годо

Следна статија

Македонистите се шокирани од предлогот на Макрон

Најново од Колумни

Чекајќи го Годо

Пишува: Иван Николов/КИЦ Босилеград/БГНЕС Речиси од почетокот на годината, вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Бугарија