С.ЉУБОЈНО, РЕСЕН СЕКОЕ СОКАЧЕ – ПАРЧЕ ПОЕЗИЈА…

Надалеку во прекрасната, мистична и егзотична Преспа, се наоѓа селото Љубојно. Љубојно-престол на спокојот, во прегратка на испреплетените врвови на Баба планина од едната, и Преспанското езеро од другата страна. Прибежиште за сите трагачи на мирот и неисцрпно богатство за сите обожувачи на природниот раскош.

Село, кое во минатото долго време претставувало образовен, историски и културен центар од сите останати села во Долна Преспа. Главни обележја на ова село се големиот број на цркви, големата и длабока историја,специфичната богата градска архитектура, многубројните празници меѓу кои се вбројува и прославувањето на Илинден на 2ри Август.На овој ден, исто така се организираат Љубанските Иселенички Средби, кои се проследени со разновидни манифестации, изложби и културни настани.

За потеклото на името на ова село говорат повеќе легенди и народни преданија,јас како најинтересна,ја издвоив легендата за момчето и девојката, кои живееле во две соседни населби. Поради лошите меѓусоседски односи на жителите од населбите, младите не смееле да се земат. Меѓутоа, тие сепак одлучиле да се земат и заедно да побегнат. Се доселиле во близината на реката и тука останале среќно да си живеат. Подоцна, кај тоа место на вљубените, се доселиле други семејства и, поради тоа, населбата ја  нарекле Љубојно.

Љубојно ја претставува вистината за Македонија, за печалбарството, за минатото, за сегашноста и за иднината.

Автор: Кристина Паско, етнолог