ШТО АКО ГРЦИЈА ПОБАРА „ХЕЛЕНСКО“ МАЛЦИНСТВО ВО МАКЕДОНИЈА?

Ќе се вадиме дека Грците се „цигани кои дошле од Етиопија“?! Таа теорија не проаѓа подалеку од пред кооперација верувајте…

Понесен од масовната еуфорија во „докажувањето“ дека симболот „Сонце од Кутлеш“ го има од век и векови на различни артефакти најдени на територијата на денешна Република Македонија, а и пошироко, ако се повикаме на теориите на Бранко Сотировски за Зета Македонија (цел факин свет е Македонија ), се прашувам зошто признавме дека Александар, Филип и Олимпија се дел од хеленската култура?

Заради Преспанскиов, за да можеме да станеме дел од НАТО и ЕУ? За НАТО ок, ама за ЕУ како што изгледа ќе почекаме. Ако продолжиме да ја „храниме“ нашата „правна“ држава и корумпирана власт (без разлика на политичката боја) ќе си почекаме. Но, добро е што нам, не ни се брза за никаде. Имаме со кого да се контраме за историја, тука ни се клетите татари, нашите деца имаат прекрасни идоли, нив можете да ги видите на српските музички канали, имаме со кого да си местиме тендерчиња (ДУИнг бизнис ово оно), имаме секој ден по некоја приказна онака за лаф муабет, додека и последното школо во источниот дел на Македонија не затвори врати, бидејќи дечињата се во Пијаченца да речеме. Имаме еден тон работа што се вели, нема ни да сетиме кога ќе помине времето.

Деновиве, како поранешен припадник на култот кон „Сонцето од Кутлеш“, се плашам дека на Грците може да им текне да побараат човекови права за сите кои се уште веруваат во тој култ. Пишува ли на споменикот на Аце, дека е дел од таа историја и култура? Пишува. Значи испаѓа дека тие што го слават како нивен најголем владетел, не се никакви словени, туку хелени и имаат право да побарат заштита од Хеленската република. Почнаа ли да ги тргаат сите „сонциња“ од јавните места? Почнаа. Добро де, почнаа прво со шахтите на канализационата мрежа, ама и тоа може да биде протолкувано како кршење на човековите права на „хеленското“ малцинство во Македонија. Ете вчера видов дека Македонска Каменица ќе треба да го смени своето општинско знаме, пред една недела некаде „Макпетрол и го смени името“, а ете веќе ќе се менува и знамето. Тоа што не остана народ да стои под знамето, не е никаков проблем. Кој ги врти, летово пак ќе си дојдат.

„Сонцето од Кутлеш“ ќе смее да им стои само по дома на припадниците на „хеленското малцинство“. Ќе смеат да си го веат само на приватни забави и од балкон, тоа ако не е кршење на човеково право не знам што е. Хеленската република ќе има адут да ја спореди Македонија со една Саудиска Арабија, таму крстови и славење Божиќ се дозволени само во домашни услови, без демонстрации и украси на тераса. Ете ти уште еден проблем за влез во ЕУ, ќе речат „циганиве дојдени од Етиопија“, дека Скопје се „понаша“ како Ријад и отидовме у курац.

Сиот проблем околу симболов почнал многу одамна, уште од времето на Каравангелис. Тој го „пикал“ „Сонцето“ пред носовите на егејците и им велел: „Охи Вулгарос охи Вулгарос, Македонас мегалос, Александрос Мегалос“. Барем така велат „бугарашите“.

После пак „Сонцето“ им се најде на тие кои имаа патолошка омраза кон „лавот“, оти нели „лавот“ е бугарски симбол, го носеле на своите капи комитите од старите предели, го носеле и тие од новите. Никако „лав“, „сонцето“ е подобра варијанта. И така Македонија стана ем независна, ем подготвена да стапи во иден сојуз со останатите екс-ју републики, ем успеа „сонцето“ да го „втемели“ во „пробугарската“ партија ВМРО-ДПМНЕ, заедно со чисто бугарскиот лав, кој ете никако не може да се избрише и покрај сите напори. Фотографиите на комитите и војводите не го дозволуваат тоа.

Да се разбереме, ова кукавичко јајце во македонското гнездо не го снесе Груевски. Тој заедно со уште неколку „грчки бизнисмени“ само ја материјализираше таа идеја. Македонија да ја побара „хеленската култура“, да си ја „присвои“ и да се оддалечи за долги години од нормалниот свет и материјално и духовно. Сега тоа што се градеше и поставуваше помпезно треба да се дообјаснува со таблички или да се бруси со брусалица.

Што ќе правиме ако Хеленската република, побара права за „хеленското“ малцинство во Македонија? Ќе се надеваме тој што најмногу „ќари“ од спомениците на „Војнот на коњ“, „Таткото на војнот на коњ“ и „Мајката на војнот на коњ“, да напише некој долг facebook статус, како одговор, додека „јуначки“ се слика со старлети во убавата Будимпешта. До тогаш не престанувајте да барате докази дека „сонцето“ било овде од искона… комитите ич да не ги шајкарите, што ако државата сегашна ради нивната крв ја имаме, речиси сите биле заблудени и викале дека се Бугари! Ма срам ги било!!!

Автор: Атанас Величков