|

Штрајк во Германија: три аеродроми речиси празни

Аеродромите во Диселдорф, Хамбург и Келн/Бон денеска се речиси празни во новата рунда штрајкови што ги свика германскиот синдикат „Верди“ поради кризата со трошоците за живот. Речиси 100.000 луѓе ќе бидат погодени од штрајковите на вработените во воздухопловната безбедност денеска и утре на три аеродроми, соопшти аеродромското здружение АДВ, а околу 700 појдовни лета ќе бидат откажани.

„Денешната ситуација на терминалите е иста како и во претходните штрајкови оваа година: терминалите за поаѓање се празни, ситуацијата е мирна“, се вели во соопштението на портпаролот на аеродромот во Хамбург. Синдикатот соопшти дека преговара со здружението за воздухопловна безбедност BDLS за да се заложи за зголемување на платите за ноќни смени, викенд-смени и државни празници, но досега нема напредок.

Штрајкот треба да се прошири утре бидејќи „Верди“ го повика персоналот за безбедност на аеродромот во Штутгарт да се приклучи поради што аеродромот ги откажа сите полетувања. Германскиот синдикат ЕВГ исто така повика на национален штрајк на транспортните оператори в петок, вклучително и националниот железнички оператор „Дојче бан“.

 



Слични Објави