СЛАДОЛЕД ВО РОЛНИ ДАН ТРЕБИТ ?

Омиленото летно задоволство кое ги буди сите сетила, неизбежниот десерт за летно уживање и освежување- сладоледот од денеска во Охрид. Можеби ви дојде чудно. Како тоа од денеска сладолед во Охрид?! Но ние не пишуваме за било каков сладолед, туку за сладолед во ролна, единствен во нашата земја, направен на лице место од вештите раце на младиот Рами Закија.

Рами Закија е млад скопјанец, кој како и многу други млади луѓе од земјава, пред 5 години заминал од земјава и отишол во Дубаи кадешто веќе бил неговиот постар брат.

„Се одлучив за Дубаи од повеќе причини, од кои клучна беше таа што претходно ја имав посетено земјата како турист, а и мојот постар брат веќе работеше и живееше таму, и секако, затоа што имам основно познавање од арапскиот јазик, бидејќи мојот татко беше од Сирија. Знаев само дека ќе работам за огромна турска компанија која многу успешно работи во Дубаи, и дека секоја година е дел од манифестацијата „Global Village“ (Глобално Село). Станува збор за манифестација која трае 6 месеци, од ноември до април, бидејќи се одвива на отворено, а временските услови и температурата во Дубаи тогаш се идеални.

Секоја земја која земала учество на таа манифестација добива свој простор кој го уредува по своите најпознати знаменитости и ги продава своите традиционални производи. Со еден збор, светот во мало. Од страна на компанијата ги добивме сите услови за работа, вклучувајќи хотелско сместување, транспорт до работа и назад, работни дозволи, здравствени осигурителни полиси, авионски билети, апсолутно сѐ. Наше беше само да се фокусираме на работата која воопшто не беше лесна. Таа година турската компанија имаше закупено преку 200 најразлични тезги и локали, а јас бев определен да работам на една од трите тезги со овошје. Подготовка на овошни салати, најразлични овошни коктели, смуди и сѐ што е поврзано со овошје, од кое, патем, голем дел воопшто не ми беше познато ниту знаев како се консумира. Ама јас сум упорен и амбициозен и се разбира, не се откажувам. Наскоро менаџерот свика состанок и ни најави новитет на нашата тезга кој сѐ уште го нема на пазарот, а се очекува да направи сензација. Ни кажа дека му треба некој што ќе биде целосно насочен кон тоа. Во салата во која во моментот бевме отприлика 400 луѓе завладеа целосна тишина. Тоа беше моментот кој беше одлучувачки за мене. Си реков, па јас сум обожавател на сладолед, а секако, сум и амбициозен и решителен. Ја кренав раката од задните редови, па господин Мурат, нашиот менаџер, ме повика напред. Ме праша дали воопшто знам што е тоа и како се прави, а откако срамежливо му одговорив дека незнам, но дека со задоволство би научил, тој ме прегрна, го извади мобилниот од џеб и на јутјуб ми покажа кратко видео. Тогаш првпат видов као се подготвува овој сладолед. Искрено, се извадив од памет.

Стресно и тешко

Почетоците беа стресни и тешки, а единствен учител ми беа малубројните видеа. Мојот производ беше далеку од ролничка, но бев многу упорен и уверен дека ќе успеам. По само 5-6 дена ја направив мојата прва успешна ролничка, набрзо и втората, па и цела порција. Верувајте, никогаш не сум ни помислил дека подготвувањето на една порција сладолед ќе ме направи толку горд.

Веќе од 10-тиот ден почнав и да продавам, а сладоледот беше навистина сензација затоа што и самиот начин на подготовка е шоу, а и вкусот со свежо овошје е неодолив.

Потоа стаса и тимот од Тајланд, од тамошното здружение на занаетчии кој менаџерот го договорил да дојде и да ми оддржи професионална обука за да се стекнам со сертификат за таканаречен „Ice cream rolls master“. Обуката траеше две недели, период во кој секој ден доаѓав три часа порано на работа. Полагањето помина со највисока оценка, а јас бев навистина горд на својот финален производ и на својот успех, а менаџерот уште погорд и на мене и на себе затоа што не погрешил кога решил да инвестира во мене. На ред беше јас да ја вратам цела таа инвестиција, но и довербата што ја вложија во мене.

Следуваа 5 месеци или 150 денови до крајот на манифестацијата и јас секојдневно по 12 часа дневно, без ниту еден слободен ден, го подготвував овој сладолед. Целиот процес и начинот на подготовка воопшто не е лесен и трае 4-5 минути за подготовка на една порција. Се вложува многу физичка енергија и навистина бара добра физичка подготвеност“, раскажува Рами.

И покрај тежината на работата, тој уживал во неа, затоа што и интересот за овој нов производ кој бил за првпат измислен во Тајланд само една година претходно (во 2014.), а и веќе солидно заработувал. Следната година Рами бил повторно на истата манифестација со тоа што тогаш веќе се појавиле уште 2-3 тезги за ролован сладолед, но, како што вели, и онака не е возможно еден да постигне да ги задоволи сите кои во долги редици чекале за да го пробаат овој нов сладолед.

Во меѓувреме, нашиот Рами научил сѐ за сладоледот, за машините и начинот и постапката како да се набават истите и после завршувањето на неговиот двегодишен договор со турската компанија решил овој иновативен производ кој бил прогласен за најдобар гастрономски производ за 2017. година, да го донесе во Македонија. За оваа цел се здобил со лиценца и франшиза за генерален дистибутер на Балканот за машините за подготовка на овој вид на сладолед.

Како се прави ролован сладолед?

За да се направи ваков сладолед потребни ви се прво основните состојки: база за сладолед, млеко во прав, посебни стабилизатори кои се користат за ваков тип на сладолед, шеќер во прав. Тоа е базата, односно сладоледот, а вкусот што сакате да го добиете е најразличен и зависи од вас, вашата креативност и од вкусот на потрошувачот.

Постапката е следна – прво се одбира комбинација на две до три работи кои сакате да ги има во внатрешноста на сладоледот, а лепезата на вкусови е најразлична и се менува во зависност од сезонското овошје или од вкусот, односно комбинацијата на потрошувачот. На пример, одбирам, свежа јаготка, милка (милкинис чоколатце) и рендана бела страчатела. Сето тоа го ставам на замрзнатата плотна која има -30 степени, веднаш потоа додавам од смесата претходно подготвен тајландски сладолед, а потоа следува најтешкиот дел – мора да бидете екстремно брзи со сечкање и дробење на намирниците што ги одбрал потрошувачот, овошје или чоколатца и тој процес мора да заврши во рок од една минута, бидејќи ако трае подолго почнува да ви мрзне целиот сладолед и станува невозможно на крајот да добиете ролни како финален производ.

Откако ќе се иситнат добро намирниците, следува постапка на размачкување на сладоледот на целата плотна во тенок слој. Тоа е постапка која исто така трае една минута. При самото размачкување, со тек на времето и со искуството, на допир се чувствува кога слојот, односно сладоледот е подготвен за ролање. Ролањето се прави со спатула со која вршиме притисок и со силно лизгање добиваме форма на ролна. Се разбира, првите неколку обиди можат да бидат неуспешни. Откако ролните се спремни, ги ставаме во чашка за сервирање, или корнет во форма на малечка чинија. На крајот следува постапката на декорација. Во зависност од вкусот на потрошувачот се ставаат најразлични трошки и чоколатца и секако, свежо овошје. Сѐ зависи од вкусот и желбата на потрошувачот.

Целото интервју прочитајте го овде.