СОБРАНИЕТО УТРЕ ЌЕ ЈА РАЗРЕШИ ЈАНЕВА, СОГЛАСНОСТ ДАЛЕ СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ И АЛИЈАНСА

Собранието утре во 13 часот ќе одржи седница за разрешување на специјалната јавно обвинителка Катица Јанева, откако Комисијата за избори и именување достави предлог за смена на Јанева поради нестручно и незаконито вршење на функцијата.

Советот на јавни обвинители до Собранието достави Извештај со кој побара Јанева да биде разрешена поради поврзаност со случајот „Рекет“.

Јанева е во притвор по предлог на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое ја сомничи за поврзаност со Боки 13 и Зоки Кицеец кои рекетираа бизнисмен.

Согласност за разрешување на Јанева до претседателот на Собранието доставиле четирите најголеми политички партии СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и Алијаса за Албанците.

Писмото од СДСМ е потпишано од Зоран Заев, на ВМРО ДПМНЕ од генералниот секретар Игор Јанушев, на ДУИ од Али Ахмети и од Алијансата, од Зијадин Села. Сите четири писма имаат идентична содржина и во нив наведуваат дека „како една од четирите партии со најголем број пратеници, даваме согласнот за разрешување на јавниот обвинител“.

Со разрешувањето на Јанева, прекинува мандатот и на другите обвинители во СЈО и за нив ќе одлучува Советот на јавни обвинители.