СТОЈАНОВ: ФИЛОЗОФОТ ВО ПОЛИТИКАТА ИМА ЗАДАЧА ДА ДЕМОНСТРИРА ДЕКА НЕВОЗМОЖНОТО Е МОЖНО

Трајче Стојанов е професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и е еден од претставниците на младата движечка интелектуална сила во Македонија. Многумина го препознаваат како независен и оригинален мислител, чија мисла вовлекува длабок наклон и почит.

Во интервјуто за „Мој збор“ Трајче Стојанов ја открива поврзаноста на филозофијата како матична дисциплина во која се образувал со неговата актуелна професија – како професор, улогата на филозофијата во современиот општествен контекст, замислата за изглед на современ филозоф (мислител и мудрец), но ни пренесува и цел корпус од референци движејќи не дијахроно низ историјата на филозофијата, ја постулира својата содржајна и структурирана мисла, ни пренесува искуства и ги соопштува своите лични позиции во однос на образованието како процес и политичката сцена во Македонија.

Интегралното интервју со Трајче Стојанов, ви го пренесуваме во продолжение:

Една од најчестите критики во однос на филозофите се однесува на нивната апстрактна припадност и неапликабилност во општеството. Каква улога може да има образованието во профилирање на филозофите при што ќе го зачува интегритетот на дисциплината, но ќе ги подготви студентите по филозофија за „живот и опстанок“ во современиот општествен контекст?

Тоа можеби е најголемата лага и илузија што е изречена за философијата, а секако и најголемата заблуда, имено дека философијата е неприменлива, апстрактна, далеку од реалноста и сл. Тврдам – не постои поконкретна, поприменлива и поконкретна (на)ука од философијата. Секој личен живот, но и животот на заедницата е организиран, структуриран и дослесно изведен, врз низа философски, дури ако сакате и метафизички претпоставки за себе, за другиот, за заедницата, за светот, космосот и сл. Еве, сетете се, на пример, дека живееете во свет кој е доминиран од либералните идеи, никнати јасно од просветителството, преку Џон Лок, Томас Хобс, преку Џ.С. Мил, до економските теории на А Смит и Џ. М Кејнз. Исто така, не заборавајте, дека до само пред 30-тина години, повеќе од половина од западната цивилизација, пак живееше организирана од философските идеи на еден друг генијален философски ум – Карл Маркс. Дури и навидум најметафизичките идеи се социјално, политички и лично применливи. Една таква најапстрактна идеја, како постои ли Бог? Што е Бог? Го има ли или не? – Во суштина е „водич“ низ личниот и општествениот живот. Одговорот на ова метафизичко прашање е „практично упатство“ за нашето поведение и нашиот однос кон низа други вечни прашања: слободата, бесмртноста, независноста, реалноста, оностраноста-трансценденцијата и т.н.
Чинам дека ова е доволно да илустрирам дека философијата е најпрактичната и најапликативната мисловна дејност, наспроти ова општо, неосновано уверување. Денешнината е нефилософска токму во оваа практична димензија на философијата. Денешнината е немисловна. Современиот општествен контекст, како што го нарекувате, во оваа смисла, како нефилософски и немисловен, наспроти општото уверување, е крајно непрактичен. Оти како може да биде нешто практично, прагматично, без да биде промислено во своите последни и вечни основи? Оти, токму и „практичноста“, „прагматизмот“, како што добро знаете, е философска позиција развиена од Чарлс С. Пирс, Вилијам Џејмс, Џон Дјуи и ред други мислители. Имено, реалноста не е „реална“ сама по себе, таа треба да се разјасни, да стане реална, јасна за мене, за вас, за заедницата. Ништо не е „практично по себе“, како што ништо не е јасно, извесно по себе. Впрочем, што е реланоста? И затоа, задачата на философијата не е и никогаш не била да се „унижува“ кон актуелниот историски миг, да се „додворува“ на денешницата или на мнозинството, ами да го „возвишува“ да го крева, или барем да ги возвишува оние кои гледаат, оние кои сакаат, оние кои можат. Останатите, нека останат во правта на „практичното“!

Дали сметаш дека професор по филозофија е важно воедно да биде педагог и да создава „мислители по терк“ или тој треба да биде само вешт ментор кој ќе произведе доволно простор за слободна и автентична мисла кај своите студенти?

Иако работам на Факултет за образовни науки, кој во основа е педагошки факултет, факултет каде образувам учители, педагози, за жал, сметам дека никој никого на ништо не може да го научи. Учењето, не само во една строго психолошка и когнитивна смисла, ами во длабоко антрополошка, секогаш е индивидуален чин, длабоко интимен и личен. Тоа е чин на иницијација, ако сакате, на возбуда и восхит, пред сè, на занеменост пред непознатото, на таа исконска желба за откривање и искачување. А секое искачување, секое возвишување е крајно лично. Никој никаде не стигнал со товарот на другиот. Особено, никој сè уште никого не понел на врвот. Секој сам се возвишува. Оттука, чинам дека се погрешни сите психолошки и педагошки теории за учењето исклучиво како когнитивен процес и за учителот како „трансфер на знаење“. Дури ниту за учителот како медијатор. Бедни, површни ми се тие обиди да се „детронизира“ наставникот, учителот од својата суверена позиција на „зналец“ кој екс катедра ги пренесува истите и да се сведе на медијатор. Кој, ако не професорот треба да е зналецот во таа просторија што се вика училница? Како тоа тој треба да биде само медијатор? Па што е тој, професор или сообраќаец!? Додека престојував во САД, не можев да се изначудам колку инсистира професорот на тоа what do you think about it, без при тоа самиот да биде вруток на тоа мислење. Веднаш после краток вовед, наставникот прашува – „а што вие мислите за тоа?“ И во духот на денешната банална политичка коректност, дури и на најбесмислените, нејнедуховитите, најсмешните одговори, тој го има тоа „псевдо-политичко“ трпение да не осуди одговор кој не само што е очигледно површен, туку и навредлив, плиток и непромислен. Сè во име на политичката коректност. Во ова современо општество, а со тоа и во современото училиште, веќе никој не сака да биде скандализиран, сите се банално толерантни, затоа е прифатена секоја глупост и ништо не се осудува. И затоа денеска во науката важи anything goes (како што впрочем препорачува Пол Фаерабенд во Против методот). А нема учење без скандализирање. Со тоа се враќаме на почетокот, да ви одговорам која е задачата на професорот. Рековме, никој никого ништо не може да научи. Освен да инспирира за секој сам да тргне по мачниот пат на уката! Затоа, конечно – задачата на учителот е да скандализира и инспирира, за секој сам да киниса по својот пат, да фати каршилак со уката, науката и мудроста. Ете, тоа е задачата на учителот, особено на философот, особено денеска!

(Целото интервју на Магдалена Стојмановиќ со проф. д-р. Трајче Стојанов, прочитајте го на www.mojzbor.com)