| |

СТУДЕНТИ ОД ПОЛСКА ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА КАРПОШ

Во рамки на студиската посета на студентите од Универзитетот од Варшава во Полска, и Факултетот за географија и регионални студии, при катедрата за локална самоуправа, на нашата земја, денеска полските академски граѓани беа во посета на Општина Карпош. Нивни домаќин беше претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, кој им го претстави целосното функционирање на локалната самоуправа, нејзините специфики, ингеренции, и начинот на управување. Меѓу другото, претседателот Манолев говореше за урбанизацијата на локалната самоуправа, односно дека интенција на новите власти во Општината е таа да биде рационализирана по периферните делови, се со цел да се сочува амбиенталниот простор за живеење.

-Исклучително многу внимаваме на заштита на животната средина, и затоа ја оптимализираме урбанизацијата на општината. Во делот на образованието имаме соработка со државното министерство во однос на имплементација на образовните и наставните програми, а во делот на детската заштита, се грижиме за здравјето на нашите најмали жители-децата во градинките преку овозможување на одлични услови за престој, како и здрава и квалитетна храна. Во спортот, можам да кажам слободно дека сме едни од најдобрите, односно Карпош има најдобро организирани училишни спортски лиги, и ние како локална самоуправа и парично ги стимулираме најдобрите спортисти и ученици кои доаѓаат од училиштата кои се дел од нашата локална самоуправа, истакна Манолев.

Првиот човек на Советот на Општина Карпош им ја објасни и организациско-урбанистичката поставеност на Општината, односно нејзината поделба на 14 урбани и месни заедници, преку кои е овозможена подобра комуникација на граѓаните со локалната самоуправа. Студентите гости од Полска се интересираа за начинот на финансирање на буџетот на локалната самоуправа, нејзината етничка структура и соработката со град Скопје. Претседателот на Советот Андреј Манолев, ги образложи трите начини на финансирање на Општината, ја нагласи одличната соработка со Градот Скопје и нагласи дека Општина Карпош е мултиетничка и мултикултурна локална самоуправа, во која во коегзистенција и заедништво се живее со почит и разбирање. Поздравен говор на гостите од Полска им упати и градоначалникот Стефан Богоев, кој им посака пријатен престој во Република Северна Македонија, и убави моменти во Општина Карпош. Претседателот Манолев на крајот им се заблагодари за посетата и нагласи дека оваа средба ќе претставува иницијатива за продлабочување на соработката помеѓу нашите две држави и нашите култури.



Слични Објави