| |

ТРАГЕДИЈА: ЗГАСНУВААТ УЧИЛИШТА ВО ВЕЛЕШКО

Советот на Општина Велес ја изгласа иницијативата за реорганизација на  дел од основните училишта  во градот.   Со десет гласови за, девет против, еден воздржан и еден  присутен но  без право на глас поради судир на интереси, започна постапката со која Општина Велес предвидува спојување на дел од основните училишта во велешко.

За да се случи спојување во натамошната постапка Советот треба да донесе Одлука.  Реорганизацијата предвидува спојување на општинските основни училишта „Благој Кирков“ од Велес, „Стојан Бурчевски Буридан” с.Иванковци –Велес кон ООУ„Јордан Хаџи Константинов- Џинот“,Велес кое би добило нов назив ООУ „Панко Брашнаров”, Велес и припојување на ООУ„Рајко Жинзифов”  од Долно Оризари кон едно од основните училишта во Општина Велес, како и згаснување на неколку со мал број ученици во Башино село, Сујаклари и Отовица.

Градоначалникот Аце Коцевски изјавил дека поради фактот дека трите основни училишта, под законскиот минимум од 24 ученика по паралелка, предвиден во Законот за основно образование,како и фактот што учениците од двете основни училишта посетуваат настава во ист инфраструктурен објект има реална можност и потреба да се извршат статусни промени во училиштата и образовниот процес да се одвива преку еден правен субјект.

Коцевски уверува дека  дека нема да има отпуштања, и покрај фактот што училиштето во Горно Оризари ќе престане да постои правно, но учениците пак ќе посетуваат настава во него, на Бошначки јазик, нема да им биде скратено ниту едно право.

Градоначалникот истакнува дека за случајот со училиштата во Башино село и Сујаклари ќе разговара со родителите, и ќе им даде можност да одлучат дали сакаат нивните деца да учат таму или да патуваат и учат во современи услови во Велес.

Во анализата подготвена до стручните служби во Општина Велес пишува дека во ООУ „Стојан Бурчевски Буридан” с.Иванковци –Велес, се бележи континуирано опаѓање на бројот на учениците, под законскиот минимум од 24 ученика по паралелка, предвиден во Законот за основно образование, а исто така не го исполнува законскиот услов за минимум две паралелки од одделение, односно минимум 18 паралелки.Постои по една паралелка од секое одделение и бројот на ученици се движи од минимум 4 до максимум 10 деца во едно одделение, односно вкупно 16 паралелки заедно со подрачните училишта, со што се наложува негово припојување кон друго основно училиште со што ќе стане подрачно училиште на ООУ ‘’ЈХК Џинот’’ односно со променет наслов ООУ ‘’Панко Брашнаров’’.

Во подрачното училиште Сујаклари кое е деветогодишно училиште нема доволен број на ученици за формирање на потребниот број паралелки од 1-9 одделение, односно има вкупно 24 ученици од 1-9 одделение кои што се рапределени во 5 паралелки, така што ова  училиште би го изгубило статусот на деветогодишно училиште и во истото би се одржувала само одделенска настава.

Подрачното училиште во Башино село има три паралелки односно вкупно  21 ученик од  прво до петто одделение, каде наставата ја следат во комбинирани паралелки односно второ одделение со четврто одделение и трето одделение со петто одделение. Со цел да се подобри квалитетот на наставата и на учениците да им се обезбеди настава во соодветно одделение со соодветна програма за нивната возраст, потребно е учениците да се преместат во Централното градско училиште во Велес, а превозот до училиштето ќе им биде обезбеден од страна на Општина Велес.

Слична е состојбата и во подрачното училиште во Отовица, каде што има шест ученика од прво до четврто оделение кои што учат во една паралелка, и каде исто така е потребно учениците да се преместат во централното основно училиште заради подобрување на квалитетот на наставата -пишува во изработената анализа.

Истата не е прифатена од советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја определуваат како нецелосна.

Слични Објави