ТРАЈКОВИЌ: НА КРАЈОТ НА ОВАА ЕРА, НЕКОЈ ЌЕ МОРА ДА ГО ЗАПАЛИ СОЗДАВАЊЕТО НА НОВАТА АЛЕКСАНДРИСКА БИБЛИОТЕКА ЗА ДА ГИ ИСПОЛНИ КРИТЕРИУМИТЕ НА НЕПИСМЕНИТЕ

Ненад Трајковиќ е познат и признат српски поет, автор на неколку стихозбирки и песни кои може да се прочитаат низ реномирани книжевни списанија во Србија. За стихозбирката „Ветар са језика“, Трајковиќ ја доби престижната книжевна награда „Раде Томиќ“ во 2015 година.

За неговата поезија, книжевниот критичар Саша Радоњиќ, ќе истакне „Ако би требало да ги одредиме константите на поетскиот свет кој доаѓа до збор во книгата Ветар са језика на Ненад Трајковиќ, тогаш тоа најверојатно би било, од една страна настојување преку јазикот да се изрази сложеното и повеќеслојно доживување на стварноста и од друга страна свеста за стварноста на песната како засебен слој.“

Ненад Трајковиќ за „Мој збор“ ги истакна своите размисли за естетичкото доживување, за улогата на поезијата во современото доба, за статусот на поетот како исцелител на разболената човечка душа во идеалното и современото општество, но и ги искоментира своите видувања за моменталната состојба на српската поетска сцена и состојбата на книжевната критика во Србија денеска.

May be an image of 1 person
  • Во естетиката најшироко прифатено гледиште за поезијата е дека таа е миметичка уметност, односно дека „имитира“ идеи или нешта кои постојат во реалноста. Дали твојата поезија ги „подражава“ внатрешните идеи и субјективните чувства или стварите кои постојат во реалниот, објективен свет?

-Не би рекол дека имитира ништо. Поезијата е суштински трансцендентен премин кон откривањето на таа вистина што не сакаме да ја видиме или не можеме да ја видиме. Тоа е метафизичка творба, контакт со другата страна, што ни објаснува, дури и необјасниви феномени. Ако навистина нешто имитираше, поезијата ќе беше безвредна, празно пеење, непотребна за човечкиот вид, но таа не е ништо од тоа.

Затоа верувам дека мојата поезија согледува надворешни и внатрешни немири, наоѓајќи го светот што се помирува или се стреми да ги усогласи човечките слабости со вистинските потреби. Јас сметам дека мојата поезија од првата книга до најновата е единствената сегашност што постои.

  • Дали за вас поезијата повеќе претставува стимул за перцептивното ниво кај читателот или за симболичко. Дали посовршен облик на поезија според вас е сонетата каде перцептивното ниво е поистакнато или поезија која изобилува со симболи и импликации, но не е толку јазично симетрична?

-Секако симболичен. Никогаш не сум бил поддржувач на формализмот во ништо. Формата ограничува и не дава слобода, што го попречува создавањето. Јас разбирам дека е потешко да се напише во слободен стих, бидејќи таквата поезија бара длабоки проникнувања, рефлексии што е невозможно да се најдат во поетската рима.

  • Платон во своето дело „Држава“ ја изложува својата замисла за тоа како треба да изгледа идеално општествено уредување. Тој нагласува дека Хомер (поетите) треба да бидат избркани од идеалната држава бидејќи се занимаваат со ширење на заблуди и митови кои на луѓето не им се потребни за нормално и оптимално функционирање во заедница.
    Зошто според тебе поезијата му е потребна на општеството и на светот?

-По многу што не се согласувам со државата на Платон. Државата всушност навистина постои за да ги заштити интересите на богатите, иако еднаквоста и рамноправност постојано се прокламираат. Платоновата класна поделба и поделба на трудот може да го оправда времето на појава и склоноста да се најде политички систем што ќе биде одржлив, особено по убиството на Сократ од демократските приврзаници. До денес не е пронајден идеален политички систем, но сè е обид да се задржи малата елита на сегашното ниво. Сведоци сме дека дури и во САД, сè поизразената класна и расна поделба доведува до големи турбуленции.

Но, да се вратам на прашањето. Самиот Платон бил поет. Неговите дијалози се изразито поетски. Платон е во право. Поетите треба да бидат протерани од идеалната држава, затоа што таа не постои. Поетите ги разоткриваат митовите и навистина шират заблуди за искривената вистина на светот. Како такви, поетите се непријатели, бидејќи секоја земја е недостојна за поет. Платоновиот модел беше прифатен особено во земјите во развој, па затоа културата беше заменета со шунд.

(Целото интервју на Магдалена Стојмановиќ со поетот Ненад Трајковиќ прочитајте го во Мој збор )

Слични Објави